Започнува 64. издание од Струшките вечери на поезијата

Во Паркот на поезијата во Струга, денеска со традиционалното садење дрвце и поетско читање во чест на добитникот на наградата „Златен венец“ за 2025 година, почнува 64. издание на Струшките вечери на поезијата.

Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

Според програмата, фокусот на годинашното издание е глаголицата, а во таа насока е и изложбата „Македонска глаголица – визуелни рефлексии“ на Лазе Трипков што ќе биде отворена во хотел Дрим.

Директорот на манифестацијата Никола Кукунеш информира дека за промоција на годинашното издание подготвени се графички и видео содржини, кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд, кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик.

Уметничкиот директор на Фестивалот Мите Стефоски за МИА информира дека сценографијата на годинашното издание преку едно современо визуелно обликување ја оживува глаголицата.

– Ова издание е посветено на глаголицата. Глаголицата не е само писмо (облик), туку душа на зборот. Визуелните рефлексии на овој симбол на духовноста се претставени преку неговата изложба „Македонската глаголица – визуелни рефлексии“, која е дел од ова издание на СВП. Авторот на видео анимациите за целокупното издание, како и промотивните видеа е Емил Петровски, кој преку едно современо визуелно обликување ја оживеа глаголицата, изјави Стефоски за МИА.

На програмата се меѓународни поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025, како и портретите на добитниците на „Златен венец“, традиционално во црквата „Света Софија“ во Охрид, „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ за 2024 година и „Млада Струга“.

Новитет оваа година е враќањето на читањата кај споменикот на Свети Климент на Плоштадот во Охрид и патувањето со брод и поетското читање на „Свети Наум“.

На 64-тите Струшки вечери на поезијата учество ќе земат околу 70 истакнати поетски имиња од Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, од земјите од соседството како и истакнати имиња од домаќинот Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот