Замина Мете – познатиот незнаен јунак на скопските улици

„Замина нашиот другар и соборец Мете. Нѐ напушти прерано една амблематична фигура на скопскиот урбан живот, но и на повеќегодишниот отпор на граѓаните против едноумието и насилството на режимот на Груевски.

Мете го живееше животот целосно и полно, директно и непосредно, во секој негов миг, без задршки и резерви, беспоштедно, често загризувајќи и повеќе од тоа што може да се издржи или поднесе. За забава или озбилни работи, сеедно. Нашиот другар Мете беше немирен и бунтовен дух кој не може да го ставиш во калап, човек од кој не можеш да направиш послушник, секогаш свој, секогаш другар – за секоја прилика и неприлика. Рок ен рол до даска.

Многу луѓе го познаваа Мете. Од улица, маало (од повеќе маала и тоа), од концерти, журки, „дешаванки“, од клубови и кафулиња, но и од многуте протести во изминатата деценија на кои учествуваше во првите редови, преку неговиот посветен активизам, како одличен организатор, снимател…

Но, за нашиот другар Мете денес нема да прочитате ниту еден ред кај порталите полни со турбо-сензации и плуканици, ниту кај оние што не пропуштаат прилика да се бават со протестите од времето на груевизмот и „ухлебените“ револуционери. Мете, а и многуте други како него што секојдневно заминуваат под притисокот на „убавините“ во кои живееме а кои изгореа многу луѓе низ годиниве, е вон нивниот радар. И тоа е добро, пошто Мете беше градско жилаво дете, рокер од скопскиот асфалт, а не злобен сељак, или неизживеан циркузант желен за медиумско внимание.

Ќе го паметиме другарот Мете, и оние што го познаваа и делеа арно и лошо со него, но и оние кои не ги видовме никаде на улица а најгласно врескаат „за ова ли се боревме“, оние што „не се бавеа со политика“, па и оние што се веќе непоправливо обземени од „алуминиумот“. Мете за сите имаше муабет. Мете беше урбаниот, напреден млад човек, кој не трпеше неправди, насилство, и кој застана во одбрана на своите и правата на неговите сограѓани, тогаш кога беше најгусто, кога мнозинството молчеше, кога борбата беше нерамноправна. Мете изгоре во таа борба, и остави зад себе семејство, тогаш кога требаше да ужива во слободата за која се бореше. Баш како во клишето, Мете е дете што го изедоа, и режимот и револуцијата.

Почивај во мир другар, посакувам конечно да ја најдеш апсолутната слобода по која копнееше.“, објави на Фејсбук Петрит Сарачини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот