Збигњев Зиобро / Фото EPA-EFE/Rafal Guz

Висок функционер на Стејт департментот лично наредил да му се издаде виза на избеганиот поранешен полски министер Зјобро

Поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро, кого властите во Варшава сакаат да го изведат пред суд, добил американска виза со помош од висок функционер во администрацијата на Доналд Трамп, објави „Ројтерс“.

Според три извори запознаени со случајот, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, им наложил на високи функционери во Стејт департментот да помогнат визата да биде одобрена. Така Зјобро, кој престојуваше во Унгарија со дозвола на довчерашниот премиер Виктор Орбан, но мораше да бега откако се промени власта, успеал да замине од Европа во Соединетите Американски Држави.

Зјобро е поранешен министер за правда и една од клучните фигури на конзервативната партија Право и правда, која владееше со Полска од 2015 до 2023 година. Тој беше еден од архитектите на судските реформи што Европската Унија ги критикуваше како удар врз владеењето на правото.

Полските власти го гонат по 26 обвиненија, главно поврзани со сомнежи за злоупотреба на средства од фонд наменет за жртви на криминал. Според обвинителите, дел од тие пари биле користени за политичка корист, а се споменува и купување на шпионскиот софтвер „Пегасус“, кој наводно бил користен против политички противници.

ВИДЕОАНКЕТА: Дали Груевски треба да се врати во Македонија?

Зјобро ги негира обвинувањата и тврди дека станува збор за политички мотивирана кампања на сегашната проевропска влада во Полска.

Случајот е особено чувствителен бидејќи Полска е близок сојузник на САД, а издавање американска виза на политичар што се соочува со кривични обвиненија од влада-сојузник е невообичаен потег.

Според „Ројтерс“, Ландау го претставил случајот како „прашање на национална безбедност“, но не е јасно врз која основа била дадена таква оценка. Стејт департментот одбил да коментира, повикувајќи се на доверливоста на визното досие.

Полскиот премиер Доналд Туск порача дека Варшава нема да се откаже од обидите Зјобро да одговара пред полски суд.

„Ќе бидеме многу доследни и никој не може да очекува дека ќе се откажеме“, изјави Туск.

Полскиот министер за правда Валдемар Журек изјави дека е изненаден од случајот и дека, ако некој во Вашингтон смета дека Зиобро е важен за американската национална безбедност, тогаш САД треба да разговараат со Полска и да ги видат доказите што ги собрале полските обвинители.

Американската администрација во последниот период отворено покажува поддршка за конзервативни политички сили во Европа, тврдејќи дека дел од нив се жртви на политички прогон преку судскиот систем. Критичарите, пак, предупредуваат дека ваквиот случај може да создаде нови тензии меѓу Вашингтон и Варшава.

Зјобро во меѓувреме почнал да работи како коментатор за полската телевизија ТВ Република. Во еден од настапите тој потврди дека е во САД, нарекувајќи ја земјата „најсилната демократија во светот“.

Што може Маѓар да научи од Туск?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот