Заменик-министерот за надворешни работи на Грција во дводневна работна посета на Северна Македонија

Костас Франкојанис/ Фото: МИА

Заменик-министерот за надворешни работи на Грција задолжен за економска дипломатија Костас Франкојанис попладнево ќе допатува во Скопје во дводневна работна посета на Северна Македонија и ќе одржи низа средби со министри од економскиот сектор, со заменик- министерката за надворешни работи, со вицепремиерите за економски и за европски прашања, како и со премиерот Димитар Ковачевски, јави дописничката на МИА од Атина.

-На агендата разговори на заменик- министерот со претставници на новоизбраната Влада на Северна Македонија ќе се најдат билатералните економски односи на двете земји и можностите за нивно проширување и зајакнување, соопштија од грчкото МНР во пресрет на посетата.

Според официјалната програма, заменикот шеф на грчката дипломатија попладне ќе се сретне со министерот за финансии на Северна Македонија и ќе ја посети Стопанска банка, каде што ќе има средби со раководството, додека во вечерните часови ќе присуствува на вечера во негова чест организирана од заменик-претседателите на Владата надлежни за економски и за европски прашања Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ.

Франкојанис утре ќе се сретне со заменик- министерката за надворешни работи Фатмире Исаки, со заменик-претседателот на Владата надлежен за европски прашања Бојан Маричиќ, со министерот за економија Крешник Бектеши и со заменик-претседателот на Владата надлежен за економски прашања Фатмир Битиќи, а ќе биде примен и од премиерот Димитар Ковачевски.

Посетата на заменик-министерот за надворешни работи на Грција задолжен за економска дипломатија Костас Франкојанис е прва на грчки владин претставник по изборот на новата Влада кај нас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот