Захарова: Русија е подготвена за секакво сценарио во случај на напад од НАТО

Доколку НАТО одлучи да ја нападне Русија, Москва ќе одговори со сите расположиви средства, предупреди денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Доколку стратезите на НАТО смислат таква луда идеја како напад врз Русија, тие не треба да се сомневаат дека ние ќе одговориме со сите расположиви средства“, рече таа за време на брифингот.

Захарова истакна дека Русија нема планови да ги нападне земјите од НАТО, но дека веќе се преземаат безбедносни мерки во контекст на зајакнување на контингентите на Алијансата во близина на границите на Русија.

„Подготвени сме за секаков развој на настаните, секогаш почнувајќи од приматот на мирот, пријателството и еднаквата соработка“, додаде таа.

Захарова нагласи дека дијалогот меѓу Москва и Вашингтон е во тек откако новата администрација на претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата, но, како што оцени, тоа не се случува доволно брзо, пренесува Интерфакс.

„Со доаѓањето на новата администрација, почувствувавме значителна желба или подготвеност од нивна страна да го продолжат дијалогот. Ова се случува. Секако, не толку брзо колку што би сакале“, рече Захарова.

Таа истакна дека немало никаков контакт меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марк Рубио по средбата на рускиот лидер Владимир Путин со Трамп во Анкориџ, Алјаска, во август и последователниот телефонски разговор, пренесува Танјуг.

„Шефовите на дипломатиите на нашите земји постигнаа договор за потребата од редовна комуникација. Ова е важно за дискусија за украинското прашање и унапредување на билатералната агенда. Овие контакти ќе продолжат. Ќе продолжат секогаш кога ќе се појави потреба“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.

Захарова, исто така, нагласи дека Москва останува подготвена да биде домаќин на нова руско-американска средба.

„Остануваме подготвени да одржиме втор руско-американски самит во Будимпешта ако тој навистина се темели на добро развиените резултати постигнати во Алјаска“, заклучи Захарова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот