Захариева „дознава“ дека Петков ќе ја прифати преговарачката рамка до јуни?

Бујар Османи и Екатерина Захариева, Фото: mia.mk

Бугарското МНР го демантираше министерот Османи дека постои документ за надминување на спорот што е прифатлив за Скопје и се чека одговор од Софија, а премиерот Петков повтори дека не отстапуваат од нивната декларација и рамковна позиција.

Бугарското министерство за надворешни работи вчера го демантираше македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи дека постои документ за надминување на спорот што е прифатлив за Скопје, а се чека одговор од Софија. Изјавата на Османи силно ја предизвика и опозицијата, од каде што го повикаа веднаш да го покаже предлогот. Паралелно, вжештена е атмосферата и во Софија, каде вчера тамошната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска им одговараше на пратениците во Народното собрание за содржината на разговорот со германската колешка Аналена Бербок овој понеделник во Лисабон, која, пак, рече дека двете се согласиле дека во сегашната ситуација е исклучително важно Македонија и Албанија конечно да ги почнат преговорите со ЕУ. Бугарските пратеници пред испрашувањето предложија и изгласаа тоа да се одвива на затворена седница, па засега остана непознато како се бранела Генчовска, која претходно изјави дека јасно ѝ кажала на Бербок дека позицијата на Софија не се менува, за што има и стенограми.

Опозицијата бара да се обелодени „прифатливиот документ“

Османи завчера потенцираше дека има документ како основа за договор со Бугарија што е прифатлив за македонската страна, но сè уште нема одговор од Софија, а додаде и дека јавноста и пратениците ќе бидат информирани пред да се потпише што било. Бугарското МНР на ова реагираше дека последна комуникација на оваа тема била во февруари.

– Постои активен дијалог меѓу МНР на Бугарија и РС Македонија за да се најдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на МНР се одржа на 11 февруари, на кој се разговараше за најновите предлози на Северна Македонија, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна. На средбата во февруари бугарската страна ги информираше претставниците на РС Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат. Кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој предлог со цел приближување на ставовите – соопштија оттаму.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски коментираше дека министерот Османи „продолжува со скандалозното однесување и приватизирање на македонското прашање и односите со Бугарија“. Тој на Фејсбук го обвини министерот дека се однесува антидржавно со тоа што прво чека одговор од Бугарија за прифатливиот документ, а потоа би ги информирал македонските пратеници и предупредува дека Собранието не смее да биде заобиколено за вакво важно национално прашање. Тој го праша Османи кој од македонската страна го видел и го прифатил документот.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски ја повика власта да го обелодени документот со Бугарија.

– Криењето нам ни дава право да се сомневаме дека се подготвува ново предавство на националните интереси. Тоа е неприфатливо и ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати таков штетен договор – вели Арсовски.

И Левица со слична реторика реагираше за тајноста на преговорите.

– Недостапноста на овој документ, прифатлив за Владата на ДУИ и СДСМ, покрај тоа што најавува ново велепредавство, укажува и на спремноста да го протуркаат што е можно потивко и поскоро, за да се избегне негодувањето и притисокот од јавноста. Патем, уште позагрижувачки е фактот што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави спремност да разговараат за нова промена на македонскиот Устав – соопшти Левица.

Костадин Ацевски од Извршниот одбор на СДСМ потенцира дека црвените линии се јасни, а компромисот со Бугарија се гради врз основа на собраниската декларација, без да се допира во македонскиот јазик и идентитет.

– Кога ќе има конкретно решение што ќе треба да се прифати или не, ќе биде презентирано и во Собранието и пред јавноста кај нас и во Бугарија. Не може на секој чекор од преговорите да се отвораат дебати во Собранието, бидејќи така се оптоварува и се одолговлекува целиот процес. Ако одново и одново ги дефинираме црвените линии, тоа значи дека ние немаме црвени линии – рече Ацевски за ТВ24.

Петков се брани: Не сум потпишал документ

Поранешната МНР на Бугарија, пак, Екатерина Захариева рече дека имаат многу сериозни и сигурни информации дека премиерот Кирил Петков се обврзал во мај или најдоцна во јуни во Брисел да ја одобри преговарачката рамка за Македонија.

– Мора да престанат разликите во говорот ако сакаме да постигнеме решение во интерес на двете страни. Во интерес на РСМ е да раскине со својот тоталитаристички однос и со минатото и да гледа европски на сегашноста. Одговорноста е на самиот премиер, бидејќи тој ја води владата. Не е виновна Весела Чернева, иако постои мислење дека таа е основата на сè, но одговорноста е на премиерот и на никој друг – изјави Захариева за БГНЕС.

Чернева, која е советничка на Петков за надворешна политика деновиве во бугарските медиуми се споменува како наследничка на Генчовска, која наводно Петков наскоро ќе ја смени од позицијата шеф на дипломатијата.

Захариева вели дека актуелната влада нема јасни пораки за прашањето за Македонија, туку „исклучително разновидни говори на владата, премиерот и коалициските партнери“.

Заострената реторика во Софија го принуди и премиерот Петков да се брани пред денешното патување во Македонија.

– Секогаш сме се придржувале до коалицискиот договор и постојната рамковна позиција за РС Македонија. Не сум потпишал документ од бугарска страна. Во исто време се надевам дека она што сите го кажавме, дека РСМ треба да биде дел од Европа, дека и од двете страни ќе се движиме позитивно во таа насока – рече Петков.

Според него, фактот што денеска ќе бидат толку многу луѓе од толку различни партии во Македонија покажува поддршка за бугарската заедница.

– Ќе ја покажам силната задача на бугарската влада да ја поддржи бугарската заедница во РС Македонија. Верувам дека во моментов и владата на РСМ е свесна за тоа каков голем приоритет е ова за Бугарија и за нас. Заеднички работиме на подигање на приоритетот на овие луѓе во македонското општество – рече Петков.

Со Петков денеска ќе допатуваат ексминистерката Захариева, потпретседателката Илијана Јотова, Тошко Јорданов од Има таков народ, Красимир Каракачанов од ВМРО-БНД, како и повеќе пратеници. Тие во Битола и во Охрид денеска и утре ќе отворат бугарски културни клубови, на покана на две здруженија на Бугарите во Македонија. Од македонската влада никој нема да се сретне со бугарската делегација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот