фото Архива

Заев со порака до директорот на ДПИ: Да не водиме јавна војна преку медиумите, одлуките за административците треба да се спроведат

Премиерот Зоран Заев очекува во наредниот период, за 15-20 дена да се најде решение за преостанатите 350 вработени во јавната администрација кои со години не одат на работа, а земаат плата. Таа обврска му е доделена на потпретседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој како што рече Заев „си го зема гајлето“ за ова прашање.

-Околу 750 веќе се распоредени, а околу 350-60 остануваат да се дораспределат заради правни формалности: постапка за засновање на работен однос, префрлување на соодветните финансии од една институција во друга. Верувам дека сите институции ќе ја спроведат, рече Заев.

Тој упати порака до директорите кои прават опструкции во овој процес, посебно до директорот Стојко Пауновски, во чија институција Државен пазарен инспекторат требаше да се преземат триесетина вработени за да работат како инспектори, но тој не беше задоволен од доделениот кадар.

-Детективи, криминалисти, јавна администрација не може да работат во пазарниот инспекторат. Од кадрите коишто треба да бидат префрлени само 12 се правници и за нив ќе се најде решение. Но, нас ни требаат луѓе што ќе работат на терен, а не да седат во канцеларија, изјави минатата недела Пауновски за Дојче Веле. 

– Сакам да истакнам порака до сите оние директори што прават отпор да не прават отпор. Зошто имаат потреба реално, а тоа се наши граѓани и секој ја има шанса чесно да ја работи својата работа односно да работи. Ако не му се работи дали тие што ги преземаат сега или се досега вработени да им се заблагодариме да си одат дома. Така да испраќам порака пред се до директорот на Државниот пазарен инспекторат којшто е доста гласен, треба да ги спроведене одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите едни со други. Тоа не е ни треба, зошто ова е нешто што народот го очекува од нас, рече денеска премиерот Заев.

Целта, според Заев е да нема вработен во јавната администрација кој зема плата, а не оди на работа.

-Така што државата којашто го вработила пред 7-10 години е должна да му обезбеди работно место и да го задолжи со работа тој вработен наш сограѓанин, дециден е Заев за оваа тема која е отворена 7-8 години без решение за 1.349 рамковни административци.

Потпретседателот Артан Груби минатата недела информираше дека административците кои ќе ја одбијат понудената работа, ќе добијат уште една шанса да си го најдат своето работно место во државната администрација, во спротивно ќе им следува отказ.

-Се надевам дека ќе го завршиме целиот процес до ребалансот на буџетот кога ќе треба средствата од Министерството за политички систем да бидат пренаменети во другите институции кои ги имаат примено овие административци. Како што знаете ги испраќаме заедно со сите придонеси и заедно со сите плати и нема никакво оптоварување на буџетот и ги исполнуваме потребите кои ги имаат институциите, нагласи Груби.

 

ВИДЕО Груби: Уште една шанса пред отказ за рамковните административци кои не сакаат да станат инспектори

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот