Заев се врати од Брисел, по ладниот туш од ЕУ

Премиерот Зоран Заев синоќа се врати од Брисел, иако на МИА имаше најава дека тој и денеска ќе биде во седиштето на ЕУ каде се одржуваше самит. Од Владата објаснуваат дека најавата на МИА била грешка, односно дека било планирано премиерот да биде во Брисел два дена 16 и 17 октомври.

Заев побара од европските лидери да донесат одлука за отворање на пристапни преговори на Македонија со Европската Унија.

Како што неофицијално дознава „Слободен печат“, по информацијата дека датум за почеток на преговори нема да добиеме, поради тврдиот став на Франција, во Владата, но и  во СДСМ течат консултации за тоа што понатаму.

Засега нема потврда дали во игра е и сценариото за оставка на Заев и враќање на мандатот, како што се шпекулира во политичките кругови и како што сам најави пред неколку месеци.

Денеска треба и официјално да биде соопштено каква одлука донеле лидерите на земјите членки на ЕУ во врска со пристапните преговори на нашата земја. Едната варијанта е да биде донесен заклучок во кој одлуката ќе биде одложена за на пролет со нотирање на дополнителни услови кои треба да се исполнат, а другата е воопшто да нема никаков заклучок.

Премиерот Заев во средата во Брисел на прес-конференцијата со еврокомесарот Јоханес Хан ги повика европските лидери да не ги „гасат сјаните ѕвезди кои сакаме да ги достигнеме“ и побара да не бидат „наша пречка, туку наши херои“. Заев не одговори директно на прашањето дали ако не се добие одлука за пристапните преговори ќе падне владата, односно дали тој ќе даде оставка.

„Одговорност ќе треба да се преземе, јас тоа го чувствувам“, рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот