Заев на средба со белгискиот амбасадор Мерис: Цврсто сме решени да придонесеме како мотор на вредности и демократија во Европа

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Фредерик Мерис, амбасадор на Кралството Белгија во нашата држава. На состанокот било пренесено дека се препознаени напорите на Владата за напредок во евроинтеграциите, дека се вреднува направеното на политички план во добрососедските односи и оти Европската Унија (ЕУ) ќе продолжи да ја поддржува нашата земја низ инвестициски планови со цел развој на државата.

Премиерот Заев се заблагодарил за солидарноста што ја покажаа Белгија и ЕУ кон нашата држава за време на здравствената криза, иако Северна Македонија не е сѐ уште членка на Унијата.

– Граѓаните се определија за евроатлантски ориентирана Влада и ќе продолжиме да ја развиваме државата како успешна членка на НАТО и како држава со европски вредности. Очекуваме да ги почнеме преговорите со ЕУ за време на германското претседателство. А, секако, од големо значење е што Белгија го има претседателското место во Европскиот совет, како мотиватор на европското проширување. Многу ни значи поддршката од ЕУ преку најавените инвестициски планови за Западен Балкан, во делот на инфраструктурата, бидејќи тоа е од помош и за развојот на економијата кон што сме посветени. За развојот на економијата, како и за евроинтеграциите важни се и владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата и силно сме определени да покажеме резултати и во овие области, рече премиерот Заев.

Од Владата информираат дека Заев, се заблагодарил за силната поддршка на нашите европски интеграции, што доаѓа како од Белгија, така и од Холандија и од Луксембург. Тој потенцирал дека нашата држава е цврсто решена да придонесе во Европа како мотор на вредности, демократија, мир и добар живот од интерес на граѓаните на сите европски држави.

– На состанокот се разговараше и за билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Белгија, која што е веќе активна во инвестициите, трговијата, универзитетската размена, но заеднички се гледаат можности за интензивирање, посебно во делот на бизнис релациите, соопштуваат од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот