Заедничкото дело на Теохаров Аудио и Влатко Стефановски беше претставено во Загреб (Фото и видео)

Светската промоција „Legendary“ ја имаше на 17 октомври во рамките на фестивалот за аудио и видео опрема „Too Loud Fest 2021“ во Загреб / Фотографија: Ведран Метелко

Најновото дело што „Теохаров аудио“ го конструираше во соработка со виртуозот на гитарата Влатко Стефановски, неодамна беше промовирано пред многубројни љубители на совршениот звук во Загреб, Хрватска.

Заедничката страст кон музиката и аудио производи од висока класа на Теохаров и Стефановски се основата врз која се изгради пријателство и се иницираше креативна идеја која жестоко целеше напред, кон реализација и триумф над сите ризици и неизвесности поради пандемијата.

Амбицијата стана реалност. Бескомпромисниот инженеринг на Теохаров и бојата на звук на Стефановски се имплементираа во совршено елегантна форма, која носи симболично име – „Legendary“!

Звучникот „Legendary“ на Теохаров Аудио и Влатко Стефановски има совршено елегантна форма / Фотографија: Стефан Рајхл

Станува збор за серија звучници од висока класа што го носи потписот на Теохаров и на Влатко Стефановски. Својата светска промоција „Legendary“ ја имаше на 17 октомври во рамките на интернационалниот фестивал за аудио и видео опрема „Too Loud Fest 2021“ во Загреб. Целиот настан беше пренесуван на фестивалскиот јутјуб-канал.

– Повеќе од 120 посетители од цела Европа, централниот дел на вториот кат од хотелот „Дабл три бај Хилтон“ го исполнија со воодушевувачка тишина, внимателно апсорбирајќи го секој кажан збор од промоторите. Она што е најважно, и кое публиката трпеливо го очекуваше, беа првите ноти што ќе протечат низ ова легендарно ремек-дело.

Под вештата рака на Стефановски, со настап во живо тој ги долови сите нијанси на совршена звучна репродукција, која ги освои сите присутни, но и оние кои промоцијата ја следеа онлајн. „Legendary“, во лимитирано издание од 15 парчиња, дефинитивно го одбележа овогодинешното издание на фестивалот, оставајќи зад себе импресии за кои долго ќе се говори – раскажаа Теохарови по враќањето од Загреб.

Повеќе од 120 посетители од цела Европа ја проследија промоцијата на „Legendary“ / Фотографија: Ведран Метелко

За македонската публика, „Legendary“ беше визуелно претставен во рамките на 40. издание на Скопје џез-фестивал во фоајето на Националната опера и балет.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 104, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот