Заеднички проект на Иван Ивановски и Александар Пејовски ќе биде изложен во КСП „Центар – Јадро“

Аудиовизуелната инсталација „Прозорец со поглед – неограничено време во ограничен простор“ од 3 до 13 септември ќе биде претставена во КСП „Центар – Јадро“ во Скопје. Станува збор за заеднички проект на визуелниот уметник Иван Ивановски и композиторот Александар Пејовски, што се реализира во соработка со кураторот Владимир Јанчевски.

Проектот е сочинет од четириесетина слики на Иван Ивановски со различни димензии изработени во техника акрилик на платно и хартија и музичка композиција на Александар Пејовски насловена „Отворен прозорец“ (Open Window), кои воспоставуваат релација во рамки на просторната поставка, како двонасочна визуелна и музичка кореспонденција.

– „Прозорец со поглед“ е метафорична игра која се труди да преиспита неколку сериозни и релевантни теми за нашето време. Повлекувајќи го посетителот преку очигледната визуелна симболика во сликите, со форми кои асоцираат на град кој хаотично се развива, понатаму ја отвора можноста за дискусија за недостатокот на простор проектиран по хумани начела и современи урбанистички стандарди. Оттука, фокусот е пренасочен и на прашањата поврзани со приватноста во онлајн простор-времето, сведени на нулта димензија со која сѐ повеќе се идентификувa и каде што сѐ почесто престојува најголемиот дел од популацијата – посочува кураторот Владимир Јанчевски.

Колаборативниот проект на Ивановски и Пејовски го поставува предизвикот да ја прикаже перцепцијата на просторот и времето во реалниот, физички свет и дигиталниот, виртуелен свет како комбинација од звучни и визуелни сензации. Проектот претставува обид преку синергијата на авторите да се излезе од етаблираниот формат и медиум на изразување со цел да се прелее влијанието во двете сфери и овој експеримент да резултира во креирање на една уникатна атмосфера во која посетителите во изложбениот простор на КСП „Центар – Јадро“ ќе имаат можност да бидат дел од едно неповторливо доживување.

Изложбата е реализирана со поддршка на Министерството за култура и КСП „Центар – Јадро“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот