Забрана за мастила: Европејците ќе останат со бледи тетоважи

Мотиви изложени на кукла на фестивал за тетоважи во Берлин/Фото: EPA-EFE/MARKUS HEINE

Уметниците во салоните за тетовирање жестоко се противат на новата паневропска забрана за илјадници хемиски супстанци што се користат при изработка на мастила со живописни бои со кои се украсува кожата.

Со рестрикциите, кои стапија на сила во вторникот, се опфатени супстанци, за кои се смета дека може да предизвикаат канцер или други болести. Европската Унија тврди дека ограничувањата ќе ги намалат несаканите реакции на мастила. Од забраната привремено се изземени сината и зелената боја, оставајќи им повеќе време на салоните да најдат замена.

Но, уметниците се жалат дека хемиските средства што се користат како замена се тешко достапни, а и не ја доловуваат бојата што ја бараат луѓето што сакаат да се тетовираат.

– Строгите мерки за изолација поради пандемијата тешко нѐ потресоа. А, потоа дојде и ова – вели Себастијан Маковски, уметник во центар за тетовирање во Хамбург.

Се проценува дека речиси секој осми жител на Европската Унија на својата кожа има тетоважа. Процентот е двојно повисок кај младите луѓе. Во Германија секој петти жител има тетоважа, а во Белгија се тетовираат по половина милион луѓе секоја година.

Европската хемиска агенција објаснува дека целта на ограничувањата не е да се уништи бизнисот на салоните за тетовирање и за трајна шминка. Германскиот дерматолог Волфганг Бојмлер изјави дека резултати од студија во 2010 година покажале дека две третини од 3.400 луѓето што се тетовирале се пожалиле на реакција непосредно пред втиснувањето на мастилото во кожата.

Луѓе од индустријата, пак, тврдат дека нема цврсти докази што би ги поврзале тетоважите со случаите на рак на кожата, па дури ни со сериозни алергиски реакции.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот