Заборавете го Гугл, јас сум вашиот нов помошник Бинг!

Јусуф Мехди од „Мајкрософт“ го претставува новиот производ / Фото Профимедиа

Вештачката интелигенција ги проширува капацитетите на Бинг со вклучување виртуелен соговорник што на корисникот би му помогнал да му ги издвои потребните содржини и да синтетизира материјали ако не постои прецизен одговор, да автоматизира процеси, па дури и да преведува и да пишува електронски пораки

„Мајкрософт“ ги надгради со вештачка интелигенција пребарувачот Бинг и браусерот Еџ, во амбициозен обид да им парира на Гугл и Хром на конкурентот „Алфабет“ на пазарот вреден милијарди долари.

Компанијата на Бил Гејтс неодамна вложи десет милијарди долари во развојот на производи со вештачка интелигенција на независната компанија „Опен АИ“ и само два месеца по промоцијата на виртуелниот соговорник Четџипити го вгради во својот пребарувач. Четџипити е производ што стекна огромна популарност во светот и само неколку дена по промовирањето имаше повеќе од 1 милион корисници, а пред еден месец надмина 100 милиони.

И информатичкиот гигант „Алфабет“ има сопствен погон за развој на вештачка интелигенција, но се воздржува да направи радикални промени, бидејќи „застарениот“ пребарувач Гугл од огласување и промовирање содржини веќе заработува десетици милијарди долари и доминира на пазарот. Во понеделникот беше претставен сопствениот виртуелен соговорник Бард, за која вели дека ќе биде многу попрецизна од конкурентската.

Во последниот квартал од 2022 година „Алфабет“ објави приход од 42,6 милијарди долари од пребарувачот Гугл, а „Мајкрософт“ заработил 3,2 милијарди од пребарување и огласување.

Освен на пазарот за игри, „Мајкрософт“ не е лидер во која било друга категорија и заостанува меѓу пребарувачите, социјалните мрежи и софтверот за мобилни телефони.

Вештачката интелигенција ги проширува капацитетите на Бинг со вклучување виртуелен соговорник што на корисникот би му помогнал да му ги издвои потребните содржини и да синтетизира материјали ако не постои прецизен одговор, да автоматизира процеси, па дури и да преведува и да пишува електронски пораки. Новитет е и тоа што виртуелниот соговорник може да ги брифира корисниците за актуелностите во темите што ги интересираат. „Мајкрософт“ се надева дека со секој процент нови корисници на пребарувачи ќе заработи по 2 милијарди долари од огласување.

– Оваа технологија ќе ги промени речиси сите софтверски категории – објави извршниот директор на „Мајкрософт“ Сатја Надела.

Инвеститорите, пак, се убедени дека новата технологија ќе им помогне и на двата конкурентски гиганти. Веднаш по објавувањето на веста, вредноста на акциите на „Мајкрософт“ се зголеми за 4,2 отсто, но на „Алфабет“ се зголемија за уште повеќе, за 4,6 отсто.

Надградениот Бинг од вчера е достапен како помошна алатка на персоналните компјутери, а за неколку недели ќе биде објавена и верзија за мобилните телефони. Компанијата очекува масовното користење уште повеќе да го подобри моторот со вештачка интелигенција, која низ конткат со корисниците учи, се надградува и ги поправа грешките. Авторите предупредуваат дека машината сѐ уште не е идеална и дека може да претставува неточни информации како факти, што корисниците го нарекуваат „халуцинирање“.

За да ги прошири капацитетите на производи со вештачка интелигенција, „Мајкрософт“ планира да инвестира во развој на суперкомпјутери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот