За заслугите и заслужните

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Точно е дека Македонија има заслуги, и не е проблем и Мицковски да се повика на нив, само треба да е свесен, а и ние со него, дека неговиот удел, и уделот на неговата партија во тие заслуги на Македонија, се мери со – негативни бројки.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски викендов на собир во Прилеп побара Европската Унија со Македонија „да отпочне безусловни преговори за влез во ЕУ уште во јуни, бидејќи тоа не е нешто кое што Република Македонија го бара како милостина, туку таа тоа го заслужува“.

Навидум, сè е во ред со овој исказ, истото тоа, или речиси истото, изминатава недела го повторија бројни високи претставници на самата Унија, на моќни или помалку моќни пријателски земји. Само што, колку и да е тоа вистина, кога истото го кажува шефот на нашата опозиција, тоа има една перверзна димензија. Еве зошто.

Кога зборуваат за „заслуги на Северна Македонија“, странските државници, без исклучок, мислат главно на договорот од Преспа. Toa e „крупниот тег“ на вагата на заслуженото. Мислат можеби и на соборувањето на Груевски и на оние какви-такви реформи, но пред сè мислат на договорот за менувањето на името. Истиот оној договор што беше донесен со хистерични отпори од истиот тој Мицкоски и неговата партија. Договорот, кој поради антикампањата на ВМРО-ДПМНЕ не можеше да се донесе со собраниски консензус, ниту со референдумска поддршка, а пратениците од оваа партија, кои гласаа за овој договор, беа жигосувани и речиси изложени на линч. Тоа е истиот тој договор за кој Мицкоски пред изборите ветуваше дека, кога ќе победи како „шпицен“ кандидат за премиер, ќе го поништи, па во тој дух не пропушташе прилика да го омаловажи службеното име на земјата. Ако забележите, дури и во цитираната изјава од Прилеп, Мицкоски државата ја нарекува „Република Македонија“, што е цинизам. Како да вели: „во име на заслугите, кои јас не ги признавам, за Договорот, кој јас не го признавам, дајте ѝ датум на Секогаш Македонија, Никогаш Северна“. Да поминел некој поачик прилепчанец, мајтапчија, точно знам што би му рекол…

Од друга страна, точно е дека Македонија има заслуги, и не е проблем и Мицковски да се повика на нив, само треба да е свесен, а и ние со него, дека неговиот удел, и уделот на неговата партија во тие заслуги на Македонија, се мери со – негативни бројки.

Во истиот настап Мицкоски упати и една закана – дека ако дојде на власт нема да почитува евентуален договор со Бугарија во кој, како што се изрази, „во каква било реченица ќе се негира македонскиот идентитет и постоењето на македонската историја“. „Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ еднострано ќе го напушти таквиот договор, без разлика на политичките реперкусии врз мене лично или врз ВМРО-ДПМНЕ“ – рече Мицкоски.

Дури и да има таков договор „кој задира во идентитетот“, вендаш гледам две ситуации во кои оваа закана нема да се исполни, а ниту една во која ќе се исполни. Прво ако не стане премиер, и втора, ако по некој след на настаните – стане. Како што нема да ја исполни ниту заканата дека ќе го поништи Преспанскиот договор, исто како што дузина такви закани не исполни ниту неговиот грчки хомолог и презимењак Мицотакис, кој даваше исти такви изјави. Меѓудржавните договори, сепак, малку се потешки за „напуштање“ или „погазување“, споредено со изјавите дадени на предизборни прошетки. Едно е такво нешто да се зборува на плочникот во Прилеп, а сосоема друго под рефлекторите на светската политичка сцена. Тоа брзо му стана јасно на Мицотакис, а ќе му стане јасно и на Мицкоски, ако некогаш има прилика.

Сепак, ние знаеме дека таквите изјави не се даваат за некогаш да бидат  исполнети – тие треба само да ја надразнат „темната комора“ на умот на изморениот и бомбардиран македонскиот гласач и во него да ја распалат раздразливоста, нетолеранција и гневот кон било кого и за било што „туѓо“ – денес Бугари, вчера Грци, секогаш Албанци, некогаш Соросоиди, мигранти, лгбт, дигитални учебници…. А потоа, како од „кафемат“ да му се „измолзат“ гласовите. Се покажува дека овој систем, за жал, функционира, барем на краток рок. Тоа што ова кафе е отровно, се дознава многу подоцна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот