За Велигден ќе вапсаме српски јајца по цена и до 500 денари за табла, нашите ќе ги јадат соседите
Експертите велат дека Македонија годишно произведува стотици милиони јајца, а домашното производство во најголем дел ги покрива потребите на населението. Во последните години се забележува тренд на зголемен извоз, што создава дополнителен притисок врз домашниот пазар и цените.
Едно јајце 11 денари, ако сакате да купите 10 во пакување ќе платите 120 денари. Табла пак ќе ве чини 340 денари за најмалите јајца од S-класа. За L или XL треба да платите од 340 до 400 денари. Продавачите велат дека можно е цената да достигне и до 500 денари за табла до Велигден. Од живинарските фарми велат дека имаат повисока извозна цена отколку на домашниот пазар и само половина од домашното производство го пласираат по пазарите и маркетите. Нашите јајца завршуваат на грчкиот и унгарскиот пазар, а ние јадеме српски јајца кои пак се со пониска цена од домашните. Експертите велат дека Македонија годишно произведува стотици милиони јајца, при што домашното производство во најголем дел ги покрива потребите на населението. Сепак, во последните години се забележува тренд на зголемен извоз, што создава дополнителен притисок врз домашниот пазар и цените.
Препорачано
Нашите се извезуваат, јадеме увозни јајца
Тони Димевски, сопственик на „Домашно пиле“ за Слободен печат вели дека цената на јајцата во земјава е многу висока.
-Како што тргнало, до Велигден може цената да биде од 400 до 500 денари за 30 јајца. Време е да се донесат некои мерки од страна на надлежните и цената да се замрзне. Цената на пазарите каде што се извезува е повисока од домашната и затоа нашите јајца завршуваат за извоз – вели Димевски. Тој објаснува дека во моментов цената на храната за несилки не е зголемена и е на ниво од пред 20 години. Соината храна пред пет години била 50 денари за килограм, а јајцето било пет денари. Сега е 25 денари за килограм, а нема јајце под 10 денари – вели Димевски.
Живинарите велат дека производната цена на парче не е поголема од пет денари во моментов, но недостигот на јајца си го прави своето, кога има недостиг на некој производ, цената оди нагоре.
Во фармата „Наше јајце“ пак велат дека цената на суровините е зголемена и тоа дирекно влијае на крајната цена. Објаснуваат дека цената паѓа кога Србија се решава да ги продаде вишоците на јајца кои ги има и се чуваат во ладилници.
-На домашниот пазар пласираме 60 отсто од производството, нашите јајца се свежи и квалитетни. Увозната цена ни е повисока од домашната, но нашите потрошувачи заслужуваат да јадат квалитетен тазе домашен производ – велат од „Наше јајце“.
Производство е доволно за домашна потрошувачка
Според податоците на Државниот завод за статистика и секторските анализи, Македонија има стабилно производство на јајца што е доволно за покривање на домашната побарувачка. Живинарската индустрија се базира на околу 2,8 милиони кокошки несилки. Производството е комбинација од големи фарми и семејни производители, а продуктивноста е од над 300 јајца по кокошка годишно кај индустриските фарми. Иако точниот број варира по години, процените се дека производството се движи во стотици милиони јајца годишно, со повремени падови како во 2024 година, кога се регистрира намалување на производството.
И покрај тоа што производството е доволно за домашниот пазар, значителен дел од јајцата се извезуваат. Околу 60% од производството завршува на домашниот пазар, а дури до 40% се извезуваат, особено во години кога цените во странство се повисоки. Во првата половина од 2024 година, на странските пазари биле пласирани над четири милиони килограми јајца, со најголем извоз кон соседните земји, особено кон Грција. Производителите признаваат дека често се ориентираат кон извоз, бидејќи таму постигнуваат подобри цени, што директно влијае на понудата на домашниот пазар.
Иако Македонија произведува доволно јајца, сепак има и увоз, особено во периоди на недостиг. Дел од јајцата се увезуваат од соседни земји, како Србија. Ова укажува на структурен проблем – недостаток на домашни капацитети за преработка, поради што индустријата зависи од увозни суровини.
Немаме фабрика за јајца во прав
Идејата за изградба на фабрика за производство на јајца во прав во Македонија датира уште од 2010 година, кога беше вклучена во Програмата за рурален развој. Сепак, и покрај потребата и потенцијалот, досега нема ниту еден заинтересиран инвеститор што би го реализирал овој проект. Според процените на агробизнисмените, изградбата на современ производствен капацитет би чинела инвестиција од околу два до три милиони евра која, според експертите, може брзо да се оправда со оглед на постојаната побарувачка.
Живинарите сметаат дека ваквата фабрика не би служела толку за справување со сезонските вишоци, туку пред сè за преработка на јајца кои не завршуваат за продажба. Станува збор за скршени, напукнати или оштетени јајца, кои според законските прописи не смеат да се пуштаат во промет. Со нивна преработка во прав би се намалиле загубите кај производителите, би се зголемила безбедноста на храната и би се обезбедила стабилна суровина за индустријата. Отсуството на ваков преработувачки капацитет резултира со значителен увоз. Според податоците на Агенција за храна и ветеринарство, Македонија увезува јајца во прав од повеќе земји како Бугарија, Аргентина, САД, Шведска и Холандија.
Овие производи најчесто се користат во кондиторската и прехранбената индустрија, што значи дека домашните компании зависат од увозна суровина.


