За СДСМ одлуката од Стразбур е победа на правдата, ВМРО-ДПМНЕ најавува „правдата ќе излезе на виделина“

По денешната одлука на Европскиот суд за човекови права во Стразбур владејчката СДСМ се огласи со соопштение во кое ја нмарекува голема победа на правдата, на правната држава и аргументите на Владата. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на Владата наместо да слави за одлуката во Стразбур, да се загрижи бидејќи суштината и правдата ќе излезат на виделина, а судот денеска само констатира дека апликациите се преуранети.

„Европскиот суд за човекови права во Стразбур денеска потврди дека апликациите на седум поранешни функционери на ВМРО-ДМПНЕ се недозволени. Ја поздравуваме оваа одлука важна за правдата и независниот правосуден систем. Незаконската аболиција на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов пропадна“, пишува во партиското соопштение.

Од СДСМ додаваат дека оваа одлука на Судот во Стразбур е важна затоа што не констатира прекршување на човековите права во кривичниот прогон на членовите од некогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ изгуби во Стразбур. Нивниот обид за ништење на правната држава, уште еднаш, се покажа неуспешен. Аргументите на државата во однос на недозволеноста на апликациите победија и се уважени. Сега, независниот судски систем има одговорност и обврска пред граѓаните и законите да ги доведе до крај кривичните постапки кои се во тек. Само ако има правда, има мир“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ со соопштение возвратија дека Владата наместо да слави за дефокус треба оваа одлука да ја загрижи, бидејќи суштината и правдата еден ден ќе излезат на виделина.

„Европскиот суд за човекови права донесе одлука во која вели дека поднесените апликации од апликантите се преуранети и не навлегува во суштината на апликациите. Во одлуката се вели дека не се исцрпени сите правни механизми во Македонија“, се вели во партиското соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот