За покојниот сè најдобро
За покојникот сè најдобро, се вели, а ако, ете, и нешто лошо мора да се каже за упокоениот, тогаш традицијата наложува сè што ќе се каже за него да биде вистинито. Затоа, мислам дека очајно лошиот резултат на СДСМ во првиот круг од локалните избори не е само резултат на лошото водење на партијата, туку и на губењето на изворната идеологија на социјалдемократијата.
Препорачано
И тоа не е ексклузивно македонски случај, не, туку прераснува во глобален феномен, а впрочем одлична дефиниција за тоа може да се пронајде на Википедија.
„Социјалдемократијата е политичка теорија што во минатото беше ориентирана кон замена на капитализмот со социјализам, и тоа главно по револуционерен пат, но во понатамошниот развиток на социјалдемократската теорија, прво револуционерниот пат кон социјализам беше заменет со исклучиво реформистичкиот, а потоа и социјализмот како цел беше заменет со градење држава на благосостојба во рамките на капитализмот. Во последно време, социјалдемократите уште повеќе се откажуваат од своите корени и, заедно со либералите, притискаат во насока на намалување на економските и социјалните права што се придобивка на државата на благосостојба“, напишано е на Википедија.
Значи, како што пишува во дефиницијата, социјалдемократијата на почеток е ориентирана кон замена на капитализмот со социјализам, и тоа главно по револуционерен пат. Добрите познавачи на политичката теорија ќе ви објаснат дека Карл Маркс лично е социјалдемократ, а и дека социјалдемократите се дел од Комунистичката интернационала сè до втората Коминтерна, кога се прикажани за салонски левичари од ленинистите-марксистите, за кои впрочем „левичарењето претставува болест“, како што тврди самиот Владимир И. Ленин.
Така, социјалдемократите стануваат реформисти, се приближуваат до либералите и заедно работат на остварувањето на т.н. држава на благосостојба. Ова реформирање навистина носи успех за социјалдемократските движења во Западна Европа во периодот на Студената војна, особено во СР Германија, Австрија, Шведска и Холандија, а по соборувањето на Франковиот режим – и во Шпанија. Но, првиот удар врз социјалдемократските партии се случи по падот на Советскиот Сојуз, односно на капиталистите повеќе не им требаше политичка опција која ќе се грижи за благосостојбата на граѓаните, за социјалните политики, пензиските системи и здравствените услуги, бидејќи ја снема и опасноста од комунизмот и повеќе немаше потреба за балансирана социјална политика. Вториот удар кон социјалдемократијата го направија самите социјалдемократски партии кога влегоа во отворена соработка со претставниците на крупниот капитал и на тој начин почнаа да ја губат довербата на работничката класа.
Кај нас дополнителен проблем направи тоа што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), покрај шурувањето со разни мешетари од светот на бизнисот, пред неколку години се случи и изневерувањето на АСНОМ. Државотворната СДСМ се откажа од државотворното Антифашистичко собрание за народно ослободување на Македонија. Звучи нереално, ама е вистинито. Реформираните македонски социјалдемократи се откажаа и од НОБ, од партизаните и од жртвите на фашизмот. Тоа беше грев што ја остави партијата да егзистира на опортуниот слој на организацијата што по секој изборен неуспех сè повеќе ќе се раслојува и својата среќа ќе ја побара во други партии.
Точно е и дека коалицијата со ДУИ во минатото излезе како погубна за СДСМ, како и негативната селекција во кадровската политика што најлесно се препознава во Куманово и во Струмица, а да не заборавиме дека до пред неколку години и Охрид важеше за „сигурица“ на секои избори.
Тоа што Венко Филипче не успева да ги мотивира разочараните маси или што Ана Чупеска не успева да си ги поврзе мислите кога гостува по телевизиите е само рефлексија на процесот низ кој минува СДСМ. Следната фаза од процесот може да им биде – повторување на судбината на ПАСОК во Грција, која на времето беше едната од двете партии на системот, а сега е заглавена на маргините на изборниот цензус.
По првиот круг на локалните избори, социјалдемократијата во Македонија е добростоечка единствено во Крива Паланка, Кривогаштани и Богданци. Борбата продолжува во Центар, Пробиштип, Чешиново, Валандово, Конче, Крушево, Лозово, Ранковце, а богами и во Чучер и во Сандево.


