За пет дена скопјани исфрлиле 650 кубни метри кабаст отпад

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Акцијата за собирање на кабаст отпад беше спроведена во сите скопски општини, а за таа цел од страна на ЈП „Комунална Хигиена“ беа поставени специјални садови на околу 40 локации во коишто граѓаните можеа да го одложат стариот мебел и отпадот од електричната и електронската опрема.

За само пет дена, скопјани исфрлиле околу 650 кубни метри кабаст отпад. Огромното количество на отпад составено од стари електронски уреди и електрични уреди и стар мебел кои сопствениците престанале да го користат, жителите можеа да го одлагаат во периодот од 18 до 22 овој месец, во специјални контењери за таа намена.

Акцијата за собирање на кабаст отпад беше спроведена во сите скопски општини а како што информираат од ЈП „Комунална Хигиена“ за празнење на поставените садови, претпријатието ангажирало 20 работници на терен, и биле употребени три специјални комунални возила – самоподигнувачи и две возила наменети за собирање кабаст отпад-патарки.

– Жителите на градот Скопје покажаа огромен интерес за акцијата и уште при првиот ден беа преполнети речиси сите 40 поставени садови, додека за времетраењето на целата акција нашите екипи реализираа 130 тури за собирање и транспорт на собраниот отпад. Очекуваме дека оваа акција значително ќе придонесе за намалување на бројот на диви депонии на територијата на градот – истакна директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.

Кога станува збор пак за собирање и транспортирање на отпадот од надземните и подземните контејнери поставени на територијата на градот Скопје, од ЈП „Комунална Хигиена“ информираат дека, нивните секојдневни активности се одвиваат според однапред утврдени План и Програма за работа, верификувани од страна на Советот на Градот Скопје.

– И покрај фактот дека е предвидена динамика на собирање отпад шест пати во неделата, поради состојбите и потребите на терен, ЈП„ Комунална Хигиена“ го собира и транспортира отпадот со максимална динамика – седум пати во неделата, односно секој ден. Согласно наведените План и Програма за работа, отпадот од кантите поделени во индивидуалните домаќинства се собира два пати во неделата – информираат од ЈП „Комунална Хигиена“.

Од таму објаснуваат и дека, динамиката на собирање и транспорт на отпадот не се менува сезонски, односно останува иста во текот на целата година.

Кога станува збор пак за одржување на хигиената на улиците, од ова јавно претпријатие објаснуваат дека, сезоната за миење на сообраќајниците веќе е започната и истата се одвива според претходно утврдени План и Програма за работа.

– Сезоната за машинско миење на улиците и булеварите со автоцистерни започнува на 15. март и завршува на 15. октомври. Во овој период, екипите на ЈП „Комунална Хигиена“ вршат секојдневно машинско миење на улиците и булеварите во сите скопски општини. За оваа намена се употребува техничка вода – додаваат од ова јавно претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот