Пратеници на седница во собрание / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

За „најмалиот“ градоначалник 79.453 денари, за премиерот 140.469 денари – со изменетите коефициенти остануваат старите плати

Со промена на коефициентите нема да има ниту намалување ниту зголемување на платите на пратениците, именуваните и избраните лица, судиите и обвинителите

Пратениците во Собранието изгласаа дека по скратена постапка ќе се носат измени на шест закони со кои се намалуваат коефициентите за пресметка на платите на пратениците, избраните и именуваните лица, јавните обвинители, судиите, членови на Совет на јавни обвинители и на Судскиот совет. Целта на измените, како што истакна еден од предлагачите на измените – пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, е „да се постигне правична распределба на средствата на буџетот, во согласност со економската реалност“.

Со законските измени нема да има ниту намалување ниту зголемување на нивните плати. Платите на пратениците и на сите овие функционери, именувани и избрани лица се усогласуваат во февруари. Почетната основа е просечната бруто-плата во претходната година. Таа во 2025 година била 67.951 денари, а во 2024 година била 61.984 денари. Потоа, платите се множат со соодветни коефициенти, кои сега со законските измени се менуваат. Пресметките покажуваат дека со изменетите коефициенти, износите за платите остануваат речиси идентични (со отстапки од по десетици или стотина денари).

Исти плати за уставен судија и за градоначалник на Скопје

Нема да има ниту зголемување ниту намалување на функционерските плати. Тие ќе се движат од 120.927 денари во бруто-износ, односно 79.453 денари во нето-износ за градоначалникот на најмалата општина во државава до 215.084 денари бруто-плата, односно 140.469 денари за претседателот на државата, премиерот и за претседателот на Собранието. Бруто-износот е многу важен за идните пресметки на пензиите, па важно е и тој да се знае.

Градоначалникот на Скопје и по ново ќе зема плата во бруто-износ од 176.672 денари, или неговата нето-плата е 115.578 денари. Иста плата како градоначалникот ќе имаат и судија во Уставен суд и гувернерот на Народната банка. Претседателот на Уставниот суд и потпретседателот на Собранието ќе имаат бруто-плата од 190.911 денари, или нето 124.804 денари. Министрите сега имаат основна нето-плата од 115.540 денари, а тоа се очекува и во иднина, иако по грешка, или не – зборот министри никаде го нема во законските измени, освен заменик-министер за кој според пресметките следува нето-плата од 106.329 денари.

Според измените на Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица, коефициентите за утврдување на надоместокот на плата и на платата изнесуваат од 1,54 до 3,17, за разлика од досегашните коефициенти од 1,69 до 3,47.

„Со Предлогот на закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, се изменуваат коефициентите за пресметка на плата на начин што ќе обезбеди правична и одржлива законска регулатива при исплата на платите и ќе се спречи натамошниот непропорционален раст на нивните плати. Ќе се постигне поголема транспарентност, правична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите ќе се усогласат со реалните економски услови во државата“, пишува во образложението на законските измени.

За пратениците нема пониска основна плата од 109.000 денари

Сегашните бруто-плати на пратениците се од 166.739 до 215.084 денари, што всушност е платата на собранискиот спикер. Сега, во нето-износ основните пратенички плати се од безмалку 109.000 денари до 140.469 денари. Коефициентот расте ако пратеникот е: претседател на Собранието, потпретседател, координатор на пратеничка група, претседател на комисија.

Ова се основните плати за народните избраници во Собранието, потоа следува половина процент за секоја година стаж, односно најмногу вкупно 20 проценти. Исто, пратениците имаат право на разни надоместоци, а она што најмногу предизвика револт во јавноста е висината на трошоците за бензин и патарини што лани достигнале околу 233 илјади евра, а има пратеници што наплатиле и по околу 10.000 евра.

Јавните обвинители бараат да им се зголемат платите

Здружението на јавни обвинители побара од вчерашната седница да се повлечат измените на Законот за плати на јавни обвинители.

– Јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичниот прогон и тоа без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години наназад не им се исплаќаат поради недостиг на средства во Буџетот – велат од Здружението на јавни обвинители.

Оттаму велат дека се свесни за сложената економска ситуација во државата и потребата од штедење, но посочуваат дека со оглед на неспојливоста на обвинителската функција, платата е единствен приход на јавните обвинители, а таа, според нив, е апсолутно најниска во регионот и се движи од минимални 90.000 до максимални 130.000 денари.

Според новите намалени коефициенти, платите на судиите остануваат речиси идентични и се движат од 133.863 до 176.672 денари во бруто-износ. Чиста плата на судија почнува од 87.837 денари, а највисока основна нето-плата за претседател на суд е 115.578 денари.

Според измените на Законот за плати на членовите на Советот на јавни обвинители, претседателот има 190.942 денари бруто, односно 124.923 денари, додека потпретседателот и членовите имаа нето-плата од 115.578 денари. Исти се платите и во Судскиот совет – на претседателот 124.923 денари, а на членовите 115.578 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот