Вториот ИФДТ „Игор Маџиров“ заврши со доделување на наградите

Награда Гран-при за „Момчето со куферот“ во режија на Дамјан Кецојевиќ / Фотографија: Јелена Јанковиќ

Во конкуренција од осум исклучително квалитетни театарски претстави, жирито на второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во состав: претседател на комисијата Тин Грабнар, режисер од Словенија, и членовите – театрологот Миливоје Млаѓеновиќ од Србија и актерот Драган Довлев од Театарот за деца и младинци во Скопје, наградата Гран-при за најдобра претстава на фестивалот ја додели на „Момчето со куферот“ во изведба на Мал театар „Душко Радовиќ“ од Србија во режија на Дамјан Кецојевиќ.

„Оваа возбудлива драмска приказна со актуелна содржина и сценски јазик, како и со еруптивна актерска енергија, остава силен впечаток на сите генерации“, стои во одлуката на комисијата за доделената награда.

Наградата за најдобра режија беше доделена на режисерот Дамјан Кецојевиќ за истоимената претстава. Наградата за најдобри актерски остварувања беше доделена на Јелена Илиќ и Недим Незировиќ за актерските остварувања во претставата „Момчето со куферот“.

Наградата за најдобра сценографија е доделена на претставата „Шумата од песни“ во режија на Петер Кус, а во изведба на Институт „Кускус“, Арт-продукција од Љубљана, Словенија. Наградата за најдобра костимографија ја доби Маја Мирковиќ, костимограф на претставата „Момчето со куферот“ во изведба на Мал театар „Душко Радовиќ“, Белград, Србија.

Специјалната награда за музика отиде во рацете на Петер Кус, за претставата „Шумата од песни“. Жирито додели уште две специјални награди за севкупност на естетскиот израз на претставата „Бамби“ во режија на Јакуб Максимов, а во изведба на Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија, и уште една специјална награда за имагинативно куклено мислење на претставата „ERROR 404“ во режија на Вагнер и Хулио Гало, а во изведба на театарот „Анхелес де трапо“ од Малага, Шпанија.

Годинава за првпат беше доделена Наградата за најдобра претстава од членовите на детското жири во состав: Тара Поповска, Уна Силјановска, Теофил Сачкарски, Неда Блажевска, Саша Димитриевска, Максим Ѓорѓиевски. Според нив, најдобра претстава на фестивалот е „Момчето со куферот“ во режија на Дамјан Кецојевиќ, а во изведба на Мал театар „Душко Радовиќ“ од Белград, Србија.

Второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ се одржа од 27 до 30 септември, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски и со финансиска поддршка од Министерството за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот