Вселената е „преширока“ за да влезе во македонското образование!
Непрепознавањето на космосот како стратешка научна област може да значи пропуштена можност за долгорочно позиционирање на државата во идните научни и технолошки текови, оценуваат од Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија (ГНКА)
Развојот на науката и на технологијата во последните години ја наметнува потребата образованието постојано да се приспособува на новите глобални трендови. Токму од тие причини, Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија (ГНКА) побара интеграција на космичкото образование и космичките науки во Националната стратегија за образование 2026–2032.
Препорачано
Додека во многу држави космичкото образование станува составен дел од образовните политики, во Македонија ова прашање сè уште не е формално отворено во клучните стратешки документи. Иницијативата на ГНКА ја отвори и пошироката дебата за тоа дали Стратегијата доволно ги следи современите научни текови.
Поднесокот на ГНКА е доставен по електронски пат до надлежните институции, откако, како што наведуваат од Агенцијата, електронскиот портал ener.gov.mk не бил во функција пред истекот на рокот за поднесување забелешки, а од одредени локации сè уште не можело да се пристапи до него.
По извршена стручна анализа, од ГНКА утврдиле дека во актуелниот текст на Националната стратегија за образование 2026-2032 не постои ниту една референца за космос, вселена, космичко образование или космички науки, иако овие области, според меѓународните стандарди, се сметаат за клучни двигатели на научниот, технолошкиот и економскиот развој.
Во иницијативата се наведува дека космичките науки се интегрален дел од современото МИНТ-образование, придонесуваат за дигиталната и зелената транзиција и ја зајакнуваат научната извонредност и меѓународната соработка.
„Нивното целосно отсуство од Стратегијата создава структурен јаз меѓу националната образовна политика и глобалните образовни стандарди и ги става македонските ученици и студенти во нерамноправна положба во однос на нивните врсници од т.н. вселенски нации“, наведуваат од ГНКА.
Како аргумент се посочува дека и помали држави, како Словенија, Луксембург и Црна Гора, веќе системски го интегрираат космичкото образование и истражување, при што Црна Гора неодамна го лансираше и својот прв сателит.
Што точно се предлага
Меѓу клучните предлози се: вклучување на космичкото образование и на космичките науки во визијата на Стратегијата, дефинирање на поимите „космичко образование и космички науки“, поддршка за студиски програми и истражувања во високото образование, пилот-интеграција на космички содржини во средното образование, постепено воспоставување астрономска опсерваторија при Природно-математичкиот факултет, како и вклучување на пилот-проекти во Акцискиот план 2026-2028.
Од Агенцијата нагласуваат дека предложените измени имаат стратешки и концептуален карактер, не наметнуваат задолжителни финансиски обврски и ја почитуваат автономијата на универзитетите.
Од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“ посочуваат дека ваквите забелешки треба да се разгледуваат во контекст на намената на самиот документ.
„Стратегијата за образование 2026-2032 ќе даде генерални насоки за развој на националниот образовен систем во посочениот период. Таа се фокусира на унапредување на образовната инфраструктура и оптимизација на училишната мрежа, дигитализација, примена на нови формули за финансирање на основното и средното образование, кариерен и професионален развој на наставниците и слично“, велат од МОН.
Оттаму додаваат дека во Стратегијата не се наведуваат конкретни наставни содржини, бидејќи тие се дефинираат со наставните програми по секој предмет и во секое одделение.
Стратегија или пропуштена можност?
Сепак, од ГНКА оценуваат дека токму ваквиот пристап – космосот да не биде препознаен ниту како стратешка научна област – може да значи пропуштена можност за долгорочно позиционирање на државата во идните научни и технолошки текови.
Во периодот од 2026 до 2032 година, според нив, светот влегува во нова фаза на космички истражувања – од мисии на Месечината и Марс до интензивен развој на сателитски технологии, кои се директно поврзани со климатските политики, безбедноста и дигиталната трансформација.
„Космичкото образование е важна, млада тема во Македонија и ако ја запоставиме сега, никогаш нема да ѝ дадеме ветер во грб“, велат од ГНКА за „Слободен печат“.
Од Агенцијата посочуваат дека иако на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ постои студиска програма по астрофизика, интересот е мал и годишно се запишуваат само двајца до тројца студенти.
На прашањето дали постои иницијатива за воведување космичко образование како изборен предмет во училиштата, од ГНКА велат дека тоа е изводливо, барем на ниво на средното образование.
„Дел од овие теми веќе се присутни во природните науки, но ситуацијата со наставниот кадар е сериозна. Без доволно професори по физика, хемија и сродни науки, тешко е да се отвораат нови предмети“, додаваат од Агенцијата.
Прашањето што го отвора оваа иницијатива е дали македонското образование ќе остане ограничено на општи формулации или ќе препознае области што веќе ја обликуваат иднината на науката и на општеството.


