Врсничкото насилство расте, строги казни нема – насилните деца поминуваат со надзор
За насилство во 2025 година била изречена една мерка за притвор која се издржува во затворот во Шутка, бидејќи нема посебно притворско одделение во Македонија за малолетници. Таму моментално има двајца малолетници
Мерки за засилен надзор од Центарот или мерки за засилен надзор од родител-старател засега се најригорозните мерки кои ги изрекуваат судовите за врсничко насилство, покажува статистиката која ја обезбеди „Слободен печат“ од најголемиот суд, скопскиот Кривичен суд за минатата и оваа година за кривичното дело насилство кое го сториле малолетници. Тоа значи дека досега ниедно дете што било насилно кон друго дете не ја добило мерка – упатување во воспитно-поправен дом.
Препорачано
Tака, од 30 одлуки на Кривичниот суд за насилство во 2025 година, за 20 се изречена мерка „засилен надзор од страна на центарот“. За овие неколку месеци од 2026 година, од десет одлуки, за шест се изречени овие исти мерки.
Младите насилници биле упатувани во воспитно-поправен дом за тешки кражби, за убиства, а за истите дела дел завршиле и во затвор. За насилство во 2025 година била изречена една мерка за притвор која се издржува во затворот во Шутка, бидејќи нема посебно притворско одделение во Македонија за малолетници. Таму моментално има двајца малолетници.
Прашањето за тоа какви мерки може да им бидат изречени на малолетниците и како тече постапката за нив, според Законот за правда за деца, станаа актуелни по вознемирувачкиот инцидент што се случи во скопската населба Ѓорче Петров, кога група тинејџерки понижувачки малтретираа 13-годишно девојче и сето тоа било снимано и објавувано на социјалните мрежи.
Ристова: Изгледа треба да се случи „Рибникар“ за да се разбудат институциите
Дебатата дали мерките што им се изрекуваат на проблематичните деца даваат резултати ја покрена адвокатката Маја Ристова, која застапува случај на врсничко насилство што се случило во Штип и објави видео на кое се гледа како група деца со тупаници и шлаканици тепаат девојче и го клоцаат додека тоа лежи на земја.

– Изгледа треба да се случи „Рибникар“, за да се разбудат институциите, како што се разбудија за семејно насилство по случајот „Ивана и Катја – гласеше пораката на Ристова.
Таа всушност реагираше на мерките што ги добиле насилните тинејџери. Обвинителот предложил воспитна мерка „засилен надзор од ЦСР“, судот проценил дека мерката е строга, па изрекол „засилен надзор од родител“. За кривичното дело запуштање и малтретирање на дете кривичните пријави биле отфрлени.
Во изјава за „Слободен печат“ Ристова цели дека иако овие мерки се предвидени, ретко се спроведуваат во пракса, па насилниците не чувствуваат вистинска одговорност за своите постапки.
– Воспитните мерки „засилен надзор од родителите“ и „засилен надзор од Центарот за социјална работа“ формално постојат како воспитни мерки што се применуваат кај деца-малолетници кои вршат насилство, вклучително и врсничко насилство. Нивната цел не е само казна, туку поправка на однесувањето, контрола и поддршка на детето. Во пракса, овие мерки ретко се спроведуваат. Законодавецот ја предвидел мерката „засилен надзор од родителите“ за да се изрече на родители/старатели кои пропуштиле, а биле во можност да вршат надзор над детето. Ако судот ја изрече оваа мерка, им наложува на родителите/старателите одредени должности во поглед на мерките што треба да се преземат за воспитување на детето – објаснува Ристова.
Ако родителите не се во можност да вршат засилен надзор над детето, а не постојат услови за предавање на детето во специјализирано згрижувачко семејство поради вршење засилен надзор, детето се става под надзор на Центарот за социјална работа.
– За времетраењето на оваа мерка детето и натаму останува да живее кај родителите/старателите или кај други лица кои го издржуваат, а засилениот надзор врз детето го врши Центарот. Многу случаи на врсничко насилство не се пријавуваат навреме или училиштата се обидуваат да ги решат „внатрешно“, без поголема вклученост на институциите. Поради тоа, насилниците понекогаш не чувствуваат вистинска одговорност за своите постапки – додава Ристова.
Постапувањето на институциите во случајот со насилството во Штип се пласираат во јавност како предупредување за тоа дека постапките и за насилството во Ѓорче Петров, може да бидат само формални. Според Законот за правда на децата, насилните деца од Ѓорче може да добијат мерки од засилен надзор на родител до упатување во воспитно-поправниот дом во Тетово.
Кривични и за родителите на девојчињата што учествуваа во инцидентот во Ѓорче Петров
Тие се товарат за кривичното дело насилство за кое е предвидена казна од три месеци до три години, но со оглед на тоа дека се малолетни, па ако има судење, тоа ќе биде затворено за јавноста.
Судот го утврдува степенот на кривичната одговорност
Професорката на Правниот факултет „Јустинијана Прима“ при УКИМ и претседателка на Државниот совет за превенција на детско престапништво, Гордана Лажетиќ, претходно во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека судот ќе го цени и ќе го утврди степенот на кривичната одговорност.
– За овој случај ќе се води постапка според Законот за правда на деца, бидејќи сторителите се деца во судир со Законот и може да добијат воспитни мерки. Тие мерки се различни, од засилен надзор на родител до упатување во воспитно-поправен дом. Тука има една лепеза мерки, меѓутоа, најстрогата е упатување во воспитно-поправен дом, а за тоа имаме услови во домот во Тетово – ни објасни Лажетиќ.
Јавен обвинител веќе поднесе барање за поведување на подготвителна постапка до судија за деца во Кривичниот суд Скопје и поднесе предлог за определување на мерки на претпазливост за девојчињата, за кои Кривичниот суд уште нема донесено одлука.
– Во меѓувреме, во врска со истите настани, до Основното јавно обвинителство Скопје се доставени шест кривични пријави по член 201 од Кривичниот законик – запуштање и малтретирање дете против лица кои како родители ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување, а како резултат на тоа, малолетните деца на пријавените лица извршиле кривично дело насилство, односно физички напад врз 13-годишната малолетничка во Ѓорче Петров. Пријавите се распоредени и по нив се постапува за обезбедување докази за проверка на наводите во редовна постапка – велат од Обвинителството.
Според Законот за правда за децата, истражната постапка ќе се води во Судот, а потоа предметот се враќа во Обвинителството кое одлучува дали ќе поднесе предлог за санкции.
МВР поднесе пријави против четирите девојчиња и шест пријави против нивните родители за ужасното насилство кое се случувало во два наврати, на крајот на март и една недела подоцна.


