Врховниот суд на САД ги поништи противзаконските царини на Трамп: Ќе мора ли Америка да враќа стотици милијарди долари?
Адвокатите на сојузните држави и на компаниите посочија дека законот на кој се повикал претседателот Доналд Трамп воопшто не предвидува овластување за воведување царини и дека Конгресот немал намера да му ја пренесе својата даночна моќ на претседателот ниту, пак, да му даде неограничени ингеренции да ги руши постојните трговски правила. Со тоа се согласи и претседателот на Врховниот суд Џон Робертс, нагласувајќи дека кога Конгресот делегира царински овластувања, тоа го прави јасно и со строги ограничувања.
Американскиот Врховен суд поништи дел од најобемните глобални царини на американскиот претседател Доналд Трамп, со што ја разниша една од клучните политики на Белата куќа и внесе нова неизвесност во глобалната трговија, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Со одлука шест спрема три, судиите на највисокиот суд во САД оценија дека законот врз основа на кој Трамп воведе дел од најзначајните царини не му давал овластување за тоа.
Со оваа одлука се отвора можност за поврат на потенцијално стотици милијарди долари наплатени царини, што претставува голема победа за малите бизниси и за сојузните држави кои ги оспоруваа мерките.
Законот на кој се повика Трамп не го спомнува зборот „царини“
Администрацијата на Трамп тврдеше дека давачките се оправдани со закон што му дава овластувања на претседателот да реагира на национални вонредни состојби.
Адвокатите на сојузните држави и на приватните компании, што ја оспоруваа мерката, посочија дека законот на кој се повикал претседателот воопшто не го спомнува зборот „царини“.
Тие тврдеа дека Конгресот немал намера да ѝ ја префрли својата даночна надлежност на извршната власт, ниту, пак, да му даде на претседателот „неограничена моќ да ги укинува“ постојните трговски договори и царински правила.
Во своето образложение, претседателот на Врховниот суд, Џон Робертс, застана на таа страна.
„Кога Конгресот му делегирал царински овластувања, тоа секогаш го правел експлицитно и под строги ограничувања“, напиша тој.
– Ако Конгресот имал намера да му ја пренесе оваа посебна и исклучителна моќ за воведување царини, тоа јасно ќе го стореше, како што доследно правел и во други царински закони – посочи тој.
Трамп се вадеше со трговијата со дрога
Одлуката се однесува на царините што Трамп ги објави лани за стоки од речиси сите земји во светот – првично насочени кон Мексико, Канада и кон Кина, а потоа драстично проширени на т.н. „Ден на ослободување“ во април.
Давачките беа воведени врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби од 1977 година (ИЕЕПА), кој му дава на претседателот овластување да ја „регулира“ трговијата како одговор на вонредни околности.
Трамп тврдеше дека мерките се одговор на трговијата со дрога и на трговските дисбаланси, додавајќи дека царините ќе поттикнат инвестиции и производство во САД и ќе го трасираат патот кон економско закрепнување.
Сепак, мерките предизвикаа силни реакции во земјата и во странство, бидејќи компаниите се соочија со нагло зголемување на давачките за увоз во САД, а се појавија и стравувања дека царините ќе доведат до повисоки цени.
Тужбата беше правен тест за судиите
Пред одлуката на судот, Белата куќа најави дека ќе користи други алатки за воведување царини, што дополнително ја зголеми неизвесноста околу иднината на трговската политика.
И покрај тоа, бизнисите ширум САД ја поздравија одлуката во петокот, изразувајќи надеж дека повратот на неправедно наплатените царини ќе следува брзо.
Тужбата се сметаше за клучен правен тест за пошироките напори на Трамп да ги прошири овластувањата на Белата куќа и за подготвеноста на судиите, од кои мнозинството се конзервативци, да поништат политика што е централна за агендата на администрацијата.
Одлуката за поништување на царините ја поддржаа тројца либерални судии, како и двајца судии номинирани од Трамп.


