Врховниот суд на САД ја задржа мерката за протерување мигранти од границата

Илјадници мигранти од Хаити тргнаа кон САД/ Фото: EPA-EFE/Miguel Sierra

Врховниот суд на Соединетите Американски Држави ја потврди мерката со која се дозволува депортација на мигрантите фатени на границата меѓу САД и Мексико, воведена за време на пандемијата „Ковид-19″.

Највисокото судско тело со пет наспроти четири гласа гласаше за продолжување на мерката наречена „Наслов 42″, која според податоците од 2020 година е применета во околу 2,5 милиони случаи.

Администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп, во март 2020 ја активираше таквата мерка за да може моментално да бидат депортирани мигрантите без документи, уапсени на копнените граници, вклучително и потенцијалните баратели на азил.

Самата мерка е итна и не дозволува правен лек. Предвидени се ретки исклучоци, за одредени националности како Украинците поради инвазијата на Русија во нивната земја или за малолетници без придружба.

Активистите за човекови права и експерти сметаат дека тоа е кршење на меѓународното право. За нив, сегашниот систем само ги охрабрува мигрантите тајно да ја преминуваат границата и да преземаат зголемени ризици минувајќи ја границата преку пустини или реки.

Независно, укинувањето на мерката беше оспорено од 19 американски сојузни држави кои стравуваа од прилив на мигранти на границата со Мексико.

Врховниот суд сега ја задржа мерката на неодредено време, со што ги урна надежите на претставниците на емигрантите кои очекуваа нејзино укинување.

Мерката ќе остане на сила се додека Врховниот суд не одлучи за меритумот на случајот. Аргументите на обете страни ќе бидат сослушани во февруари 2023 година по што напролет ќе биде објавена конечната одлука.

Одлуката на Врховниот суд веднаш беше поздравена во републиканскиот табор. „Тоа ќе спречи луѓето кои живеат на границата да потонат во тотален хаос”, рече избраниот функционер во Тексас, Тони Гонзалес.

Длабоко сме разочарани за сите очајни баратели на азил, кои ќе продолжат да страдаат по „Насловот 42″, но ќе продолжиме да се бориме за на крајот да ја укинеме мерката, рече Ли Гелернт, адвокат во Американската унија за граѓански слободи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот