Вработените во ФЗОМ ја натераа Владата да размисли и најверојатно да ретерира за кратењето на платите

Фонд за здраство/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Откако вработените во Фондот за здравство го почнаа штрајкот со кој на граѓаните им се ускратени низа услуги бидејќи шалтерите не работат, техничкиот премиер Талат Џафери најави дека Владата ќе ја преиспита одлуката да им ги намали платите на вработените во Фондот.

Владата на денешната седница го разгледува горливото прашање, односно барањето на вработените во ФЗОМ платите да не им се намалуваат, туку да им останат исти како оние што ги зеле во декември.

Во меѓувреме, додека Владата одлучува, граѓаните останаа без бројни услуги, а сѐ поизвесно е дека платите во јавното здравство ќе доцнат, бидејќи во периодот на штрајкот не се вршат пресметките. Нема исплати на породилно, нема процесуирање на барања за рехабилитација и ортопедски помагала. Непречено се работат само итни случаи за лекување во странство, како и за хоспитализирани пациенти.

Претседателот на синдикатот на ФЗОМ, Бранко Аџигогов рече дека ако се спроведе одлуката на Владата платите да им се намалат, тогаш повеќе од 500 вработени во Фондот ќе земаат минимални плати или под минималните.

– На такво ниво никогаш не биле, рече тој.

Претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски истакна дека барањата се едноставни, платата да остане иста како онаа што вработените ја зеле во декември со бод од 77,16 денари.

– Апелирам до Министерството за финансии или кој и да го напиша она соопштение, според кое ако ни се исплатат повисоки плати дека нема да има лекови за граѓаните, да не се случи уште еднаш такво нешто. Да не се лаже јавноста бидејќи не му личи на државен орган како Министерството, да игра на емоциите на граѓаните и да ги лаже дека нема пари во Фондот за здравство. Фондот за здравство е институција со највисок буџет во државата и секогаш има пари. Ќе има пари и ако ни останат повисоките плати како што тоа го договоривме со менаџментот на ФЗОМ, рече Деаноски.

Претседателката на Здружението на матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова за „Слободен печат“ вели дека матичните лекари го поддржуваат штрајкот на Фондот за здравство поучени од нивното негативно искуство во минатото, преку ноќ капитациониот бод да им биде намален од 50 на 45 денари. Тогаш почувствувале дека солидарноста е клучна за зачувување на условите за работа, но и сметаат дека самата инфлација налага платите да не се кратат.

– Го поддржуваме протестот бидејќи не е во ред во време на инфлација да се намалуваат платите. Тоа е дестимулативно. Ние со нашиот стаж во приватното здравство сме преживеале една ситуација кога ни се намали капитациониот бод со владина одлука. Тоа беше во време кога една приватна болница склучи договор со Фондот за здравство, а нашиот капитационен бод преку ноќ се намали од 50 на 45 денари. Тоа беше катастрофално и беше огромен стрес за целото приватно примарно здравство. Тогаш со помош на ФЗОМ успеавме да го вратиме бодот повторно на 50 денари. Не би сакале таквата ситуација да се повтори, бидејќи со ФЗОМ сме нераскинливо ткиво и заедно го држиме здравствениот систем во оваа држава и пружаме услуги на нашите граѓани од кои сме сите платени. Ако цело време велиме дека сакаме да ги задржиме луѓето во земјава и да не се иселуваат, тогаш одлука за намалување на платите не соодветствува на тие заложби, изјави доктор Чолакова Дервишова.

Штрајк во Фондот за здравство: Рецепти и упати ќе има, ама нема породилно ни плати во јавното здравство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот