Фото: EPA/JULIEN WARNAND

Вонредна состојба во економијата на Европа

Наместо само да се префрлаат од еден проблем на друг, европските лидери мора јасно да ги утврдат приоритетите. Постигнувањето посилен економски раст е од суштинско значење и предуслов за самоодбрана и стратешка автономија во сè поопасен свет.

Судејќи според она што се гледа од резултатите на различни состаноци во Европската Унија (во Европскиот совет, во канцелариите на Европската комисија и така натаму), можностите на ЕУ се ограничени. Едноставно, има премногу проблеми и задачи. Светот е хаотично место, а истото може да се каже и за политичката сцена во Брисел.

Затоа првата задача е – да се договорат приоритетите. Тоа не би требало да биде премногу тешко, бидејќи некои од нив се сосема очигледни. Понатамошното спротивставување на територијалната агресија на Русија е јасен стратешки императив, при што финансиската поддршка за Украина ќе помогне да се отвори патот кон мир и нов круг на проширување на ЕУ. Априлските избори во Унгарија, по кои по 16 години од власт си замина премиерот Виктор Орбан, ја отстранија срамната пречка што ја доведуваше во прашање безбедноста на ЕУ.

Меѓутоа постои и еднакво итна задача: зголемување на темпото на економскиот раст во Европа. Имено, силна индустриска и технолошка база претставува неопходен услов за безбедност и стратешка автономија во свет што е сè поопасен. Во клучните извештаи за конкурентноста на ЕУ и за недостатоците на единствениот пазар, подготвени од поранешниот претседател на Европската централна банка Марио Драги и поранешниот премиер на Италија Енрико Лета, се истакнати главните проблеми и наведени неопходните мерки.

Но, иако заклучоците на Драги и Лета веднаш по објавувањето предизвикаа голем медиумски интерес, тие едвај влијаеја врз политичката агенда на ЕУ. Речиси ниту еден од нивните предлози досега не е спроведен, а тој недостаток на дејствување се гледа и во макроекономските показатели. Очигледно, поради многубројните други настани, властите на ЕУ едноставно не успеваат да им посветат соодветно внимание на проблемите со конкурентноста и продуктивноста во економијата.

Таквото оправдување не е утешно. Европските лидери мора да се откажат од илузиите и да разберат што е во прашање. Во годините што доаѓаат, земјите на ЕУ нема да можат – поради забавениот економски раст, постојаните буџетски дефицити и значителниот товар на јавниот долг – да ги зголемуваат трошоците за одбрана, а истовремено да го зачуваат системот на социјална заштита. Ситуацијата дополнително се влошува со фактот дека во наредната деценија се очекува намалување на работоспособното население во Европа за околу 12 проценти. Тоа ќе го зголеми притисокот врз јавните финансии и дополнително ќе ги намали расположливите ресурси.

Во меѓувреме, потребите се огромни. Воените трошоци во повеќето земји на ЕУ се заглавени на ниво од околу 2 % од БДП, а ако се извлече една поука од изминатите 15 месеци, тоа е дека Европа повеќе не може да одложува големи инвестиции во својата безбедност и одбранбено-индустриска база. Пред неколку месеци претседателот на САД Доналд Трамп се закануваше со преземање на Гренланд – суверена територија на Данска, членка на НАТО. А неодамнешното разочарување на Трамп поради одбивањето на Европа да му се приклучи во војната со Иран, сериозно ја доведува во прашање подготвеноста на Америка да ѝ помогне на Европа.

Трговијата во рамките на единствениот пазар – во неговата сегашна форма – обезбедува речиси 60 милиони работни места во Европа и веќе носи економски придобивки од 8-9% од БДП на Унијата. Со довршување на изградбата на единствениот пазар (односно создавање единствен пазар за дигитални врски, енергија и инвестициски капитал), ЕУ би можела да додаде неопходни 1-2% на стапката на раст на БДП во наредната деценија. А тоа се минимални процени. Според извештајот на Драги, „задржувањето на трговските бариери во рамките на ЕУ доведува до тоа Европа да губи околу 10% од потенцијалниот БДП“. За сето ова да биде возможно, економскиот раст и динамиката мора да станат главни приоритети за ЕУ. Успехот на тоа поле е единствениот начин да се избегне неуспех на многу други полиња.

Европа не е осудена на пропаст. Имаме талентирана работна сила, универзитети и владеење на правото – сè што е потребно за бизнисот да напредува. Нашата заедничка валута е силна, а квалитетот на живот е повисок отколку во кој било друг дел од светот. Но тие предности не смеат да нè успијат; мора да бидеме свесни дека сето тоа е под закана. Мора да одговориме на клучниот предизвик – и тој одговор е итно потребен.

(Авторот е поранешен министер за надворешни работи на Шведска)

Вијести

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот