Вонредна инспекција во Охридската болница: Утврдено е прекршување зашто пациентка со упат не била прегледана

Вработен на инфективното одделение на Охридската болница го прекршил Законот за здравствена заштита кога не и овозможил на сега починатата 66 годишна жена, дијагностицирана со коронавирус, да се лекува, иако имала упат за тоа. Директорката на државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова, вели дека по извршениот инспекциски надзор во Охридската болница, утврдено е прекршување, зашто на пациентка со упат не и било овозможена здравствена заштита.

– Вчера Државниот здравствен инспекторат почна вонредна инпекција за оваа случка во општата болница Охрид. Инспекцискиот надзор уште трае, но од досега добиените информации, ќе потврдам, дека да, утврдено е прекршување во однос на неовозможување на здравствена заштита на пациент кој побарал здравствена заштита. Се однесува на здравствен работник кој бил дежурен во времето кога пациентката била донесена на преглед. Да, точно е, дека за пациентката матичниот доктор има издадено упат на 25 март. Изјави од другите кои работеле тој ден на инфективното одделение во охридската болница се уште се земаат. На ова одделение работат тројца специјалисти и двајца специјализанти како високомедициски кадар и повеќе сестри. Одговорноста која ќе ја има и ќе се утврдува понатаму, да, ќе ја утврдуваме по членовите од Закон за здравствена заштита – одговори на прашањето на Слободен печат директорката на здравствениот инспекторат Иринка Сотирова.

Запрашана дали ако денеска некој со упат дојде во Охридската болница ќе биде примен, таа одговори потврдно.

– Да, инфективното одделение во охридската болница во овој момент функционира – рече Сотирова.

Основното јавно обвинителство Охрид исто така води постапка за овој случај, зашто 66 годишната жена со коронавирус од Струга, не и беше овозможено да биде хоспитализирана.

„Според првичните информации, поради нагло влошената здравствена состојба кај сега починатата пациентка, матичниот лекар препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница. Но, пациентката и покрај упатувањето, не е примена во болницата“, стои во соопштението на ОЈО Охрид и се додава дека ќе се преземат дејства во насока на расчистување на причинско последичната поврзаност и утврдување на факти за евентуално постоење на кривична одговорност.​

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот