Војната во Украина и револтот во Европа

Арсим Зеколи. / Фото: Дојче веле

Ваквата Европска Унија, која нема сила да расчисти со сопствените земји-членки во премолчана солидарност со Москва и со Белград поради споделениот колонијален светоглед, нема да биде ниту привлечна, ниту прифатлива, ниту доволна за аспирациите на оваа нова генерација

Шест месеци по почетокот на воената агресија на Руската Федерација против независна Украина, можеме да заклучиме дека од историски, политички, економски и од социјален аспект оваа војна за Европа е со поголема тежина и важност отколку крајот на Студената војна, распаѓањето на СССР, па дури и од ширењето на самата ЕУ. Причините за оваа оцена треба да ги побараме во коренитите промени што војната во Украина ги има произнесено, обелоденето и цементирано во свеста на народите колективно и на луѓето индивидуално. Токму преку начинот на кој нациите се имаат однесувано, помогнато и придонесено кон борбата на украинскиот народ.

Доколку се осврнеме повнимателно кон тоа кој и како се има поставено кон војната во Украина, ќе увидиме еден чуден феномен. Предводници во нудење, давање и обезбедување морална, материјална и воена помош на Украина, се земјите со поранешно колонијално искуство, но и со храброст да побараат прочка за своите поведенија низ историјата кон поранешните колонии. Таков е случајот со Белгија и извинувањето за убиството на Патрис Лумумба и колонијалното насилство во Конго, со Германија за Намибија и Хереро геноцидот. Со Австралија за третманот на абориџинските деца, со Канада за односот на школскиот систем кон Индијанците, со Италија за односот кон Либија во 1911-1943 година, со Британија за политичките злосторства во Кенија, со Јапонија за сопственото империјално минато и односот кон жените во Кореја, со Холандија за насилствата за време на колонијалното управување со Индонезија и, на крај, во таа листа се вклучуваат и САД со признавањето одговорност за трансатлантската трговија со робови, вклучително и со не толку познатиот факт дека претседателот Обама ја има потпишано Резолуцијата за извинување кон автохтоните Американци.

Ова е само дел од усилбите на овие земји да се соочат барем со дел од сопственото минато и одговорност. Иако остануваат отворени уште многу други прашања, побарувања, историски сеќавања кои допрва треба да бидат уважени, ваквите примери укажуваат на тренд што е во зачеток и покрај не малиот број спротивставувања на домашните општества и на спротивставените државни интереси.

Позитивната тежина на овој интересен феномен добива на значение кога ќе се спореди со уште поинтересниот аспект дека најслабата поддршка за борбата на Украинa во овие шест месеци доаѓа од земјите со силно колонијално минато и отсуство на спремност за соочување со последиците на нивното владеење. Почнувајќи, логично, од самата Русија што никогаш не нашла за сходно да се извини за колонизацијата на Сибир, Балтикот, Унгарија, Источна Германија, Полска, Чехословачка, Централна Азија и Грузија. Истото се однесува и на односот на Кина кон Виетнам, Тибет или пак за Турција кон Балканот и арапските земји. Додајте ги на тоа и Шпанија и нејзиното одбивање да се произнесе околу барањата на Мексико поврзани со угнетувањето на домашното автохтоно население. Светата Столица побара прочка за судбината на младите Индијанци во канадските училишта, но одбива да се произнесе кон сличните барања од Мексико. Тука е и Франција, која смогна сили да ја прифати одговорноста за улогата во Руанда, но не и во Северна Африка. На крај, денешна Србија сè уште не само што одбива да се извини за злосторствата низ регионот, туку дава силни напори да ги релативизира и исчисти од каква било колонијално крвава конотација. Коинцидентно, односот на овие земји кон сопствените колонии и историски мината денес се одраз на колонијалниот мајндсет во односот кон Украина, Косово, Босна, Црна Гора, Македонија.

Силата и вербата на Украина во финална победа над колонијална Русија денес се црпи од помошта на постколонијалните сили (САД, Канада, Британија, Холандија) и се подрива од архиколонијалниот солидарен мајндсет на Шпанија, Франција, Србија. Архиколонијални центри кои во Русија ја препознаваат носталгичноста за сопственото колонијално минато и гневот и солзите на угнетените што ја расипуваат сликата што сакаат да ја наметнат за себе. Тоа е динамиката што ја диктира масовната промена, која се одвива како последица на војната и се чувствува ширум Европа. Првичните очекувања за ефективна блиц-криг победа на Русија и изненадувањето од жестоката и херојска реакција на „корумпираните Украинци и лесни Украинки“ беше првиот удар кон воспоставената култура низ западноевропските центри на предрасудата и архиколонијалниот мајндсет. Војната во Украина, поточно Украинците, ја разголија сета мимикрија за тоа како Меркел и Макрон ја замислуваа „обединета Европа“, ја демаскира циничната улога на Шпанија, колаборационистичкото слуганство на Србија и потврди дека во очите на народите на Источна Европа, Америка и Британија уште долго ќе останат тоа што за Москва и за Белград се бизнисмените и корумпираните политичари од Западна Европа. За првите, единствена надеж за слобода, за вторите калкулантски колонијален бизнис на утопистички квазиевропски паралаги од 19 век.

Војната во Украина стави крај на вековната традиција на западноевропските центри Источна Европа да ја сметаат како простор во кој живеат некакви аисториски, примитивни народи на водоинсталатери, чистачи, келнери, проститутки и криминалци без национална или државна свест и совест. Но уште побитно од тоа, оваа војна ја принуди Западна Европа да се соочи со традицијата на мешетарско, трговско преговарање со Русија преку главите на централноевропските Словени. На ист начин како што се однесува на Балканот преку колонијално воздигање на Србија низ брутално понижување на Албанците, Црногорците, Босанците, Хрватите, Македонците.

Со војната во Украина и секој загинат украински херој, гине и западноевропската верзија на Европа во која квалификатите како „достоинство, гордост, интегритет“ се ексклузивно резервирани за Германци, Французи, Шпанци, Данци, Холанѓани. Донекаде уважени за Португалци, Балтијци, Романци, Срби, Грци и апсолутно неприфатливи за Албанци, Црногорци, Босанци, Бугари, Македонци. Историјата ќе укаже дека скраја несомнено автентично национал-социјалистичките побуди на Путин и Кремљ, дел од неговите пресметки за Украина (како и оние на Вучиќ за регионот) се базирани врз впечатоци, амбивалентни коментари и поведенија, сугестивни прашања, потсмешливи пацки и ултраблаги прекори од страна на западноевропските дипломати. Особено кога станува збор за Источна Европа, за Југоисточна Европа, за Балканот и сите тие субхумани групации на т.н. народи наспроти ubermensch-тината на соговорниците закована во деветнаесеттиот век на колонијални дворови.

Комотнота самобендисаност и самоувереност на Западна Европа во нејзината архаична супремацистичка ubermensch-тина денес опстојува единствено во нејзината табула раза симплифицирана верзија на реалноста, во приемчливо солидарните уши на параисторискиот силеџиски колонијализам во Москва и Белград и бесрамноста на балканските коруптократи со ЕУ-САД значки на ревери. Таа комотна самобендисаност на Западна Европа е факторот на револт ширум источна Европа, фактор за доминантниот проамерикански и пробритански тренд од Балтикот до Балканот и фактор на бескрајната алчност како системска грешка низ која пенетрираат Русија и Кина.

Раздорот во Европа не е предизвикан од војната во Украина, но секако е потпомогнат и од мајндсетот на Западна Европа за која рамноправноста помеѓу Западна и Источна Европа е речиси рамен на пораз и губење на интересот за било каква реална Унија. Овој континентален модел е систематски регионално реплициран низ толерирање и хранење на супремацистичкиот, колонијален однос на Србија кон Косово, Босна, Црна гора, како од западните дипломати така и балканските соговорници од светот на политичкиот криминал Деновите пред години кога Доналд Рамсфелд ја изнесе забелешката за „стара Европа (запад) и нова Европа (исток)“, еден од коментаторите забележа дека не станува збор за желба или за обид на САД за предизвикување раздор ширум континентот, туку за процена и предвидување за тоа како ќе се одвиваат нештата во односите помеѓу двата блока на Европа. Некаде попат, низ миопичните пресметки на Меркел за Русија, умилкувањата на Саркози и на Макрон кон Путин, логиката на Борел „да ѝ дадеме нешто на Србија“ и фрустрирачката незадоволност на Крис Хил од превисоката образованост и интегритет на Курти (за еден Албанец, де), младата генерација политичари и граѓани од Источна Европа полека се буди од хипнозата на понизна послушност и беспоговорна верба во процените и оценките на Берлин, Париз, Мадрид, Виена, Рим. Секоја масивна војна ја има таа малтусовска политичка консеквенција на бришење на старото и раѓање на новото. Така беше со бејби-бумерите во САД по Втората светска војна. Така беше со хипи генерацијата по војната во Виетнам, неоконзервативизмот по војните во Заливот. Така е и со војната во Украина. Во чија сенка Источна Европа веќе бара да си го најде, зацврсти и цементира нејзиното национално и индивидуално достоинство, еднаквост и интегритет. Ваквата Европска Унија, која нема сила да расчисти со сопствените земји членки во премолчана солидарност со Москва и со Белград поради споделениот колонијален светоглед, нема да биде ниту привлечна, ниту прифатлива, ниту доволна за аспирациите на оваа нова генерација.

Колумната е оригинално објавена на „Дојче веле“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот