Војната остави пустош – еве колку ќе чини повоената обнова на Украина
Повоената обнова на Украина ќе чини околу 588 милијарди американски долари (повеќе од 500 милијарди евра) во текот на следната деценија, а последиците од војната ќе се чувствуваат со генерации, се наведува во заеднички извештај на Киев, Светската банка, Европската Унија и Обединетите нации, објави Ројтерс.
Препорачано
„Трошоците за обнова продолжуваат да растат и сега се проценуваат на 587,7 милијарди долари во период од десет години, што е противвредност на три БДП-а на Украина од 2025 година“, се наведува во извештајот.
Годишна проценка
Документот, кој секоја година ја проценува штетата нанесена на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година, заеднички го подготвуваат Светската банка, украинската влада, Европската комисија и ОН.
Најтешко погодени сектори се станбениот сектор, транспортот и енергетиката, стои во извештајот кој опфаќа 46 месеци меѓу почетокот на руската инвазија во февруари 2022 и декември 2025 година.
Штетите и потребите се концентрирани во регионите блиску до бојното поле и во големите украински урбани зони, се прецизира во извештајот.
Долгорочно, најголемите потреби ќе се концентрираат во транспортниот сектор (82 милијарди евра), енергетскиот сектор (77 милијарди евра), станбениот сектор (77 милијарди евра), трговијата и индустријата (54 милијарди евра) и земјоделството (47 милијарди евра). Регионите Доњецк (исток) и Харкив (североисток), каде што борбите се најинтензивни, ќе бараат значителни напори за обнова.
Само за Киев 15 милијарди
За главниот град Киев, кој има три милиони жители и површина нешто помала од Берлин, обновата се проценува на повеќе од 15 милијарди долари, бидејќи градот често е цел на руски напади со дронови и проектили.
Човечките, социоекономските и еколошките последици од руската инвазија ќе се чувствуваат „со генерации“, се нагласува во извештајот.
Западните сојузници на Украина деблокираа повеќе од 400 милијарди долари финансиска, воена и хуманитарна помош од почетокот на руската инвазија, според германскиот институт Кил. Украина во моментов најголемиот дел од тие средства ги троши на воените напори и одржување на економијата во живот.
Европската Унија во декември одобри заем од 90 милијарди евра за Украина за периодот од 2026 до 2027 година, при што поголемиот дел е наменет за одбрана, но Унгарија, чиј лидер Виктор Орбан е близок до Кремљ, се закани со блокада.


