Воениот оркестар на Армијата ќе настапи на свеченото отворање на фестивалот „Денови на македонска музика – ДММ 2024“

Концертот ќе се одржи во големата сала на Филхармонија

Новото издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ со концерт на Воениот оркестар на Армијата под диригентска палка на Горан Илијевски ќе почне на 22 март, во 20 часот, во големата сала на Филхармонија. На концертот ќе бидат изведени дела од македонски композитори создадени за голем дувачки оркестар.

На програмата на концертот се дела од композиторите Благој Цанев (1937-2020), Горан Илијевски (1978), Живојин Глишиќ (1954), Михајло Штерјев (1985), Томе Манчев (1950-2020), Илија Илиевски (1939-2018) и Густав Холст (1874-1934).

Програмата на „47. Денови на македонска музика“ е во знакот на извонредното творештво на македонските композитори од поголем обем: симфониско, оперско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус. Со концертите ќе бидат одбележани и повеќе значајни јубилеи на композиторите Томислав Зографски, Михајло Николовски, Стојче Тошевски, Живојин Глишиќ, Тодор Трајчевски, но и јубилеите на МРТВ – 80 години од основањето и НУ „Танец“ – 75 години од основањето.

Вториот концерт на ДММ 2024 е на 24 март (недела) во малата сала на Филхармонија. Камерниот оркестар „Профундис“ со солисти ќе ги изведат делата на композиторите Гоце Коларовски, Фатос Лумани, Дарија Андовска, Гоце Гавриловски и Ангел Спироски.

Програмата на фестивалот вклучува премиерни изведби на дела од помладата генерација, како и изведби на дела што се вбројуваат во ремек-делата на сите генерации композитори.

Со свои концерти ќе се вклучат и Националната опера и балет, Филхармонија, камерниот ансамбл „Алтус“, а фестивалот ќе заврши со традиционалната Трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските композитори.

Уметничкиот одбор и Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) при конципирањето на програмата поаѓа од фактот – домашното уметничко творештво зависи од сите нас, од нашата одговорност и од нашата грижа да овозможиме создавање, изведба и промоција на дела што го означуваат нашето минато, сегашност и иднина. Влезот на сите концерти е слободен, известија од СОКОМ – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот