фото: EPA-EFE/DIMITRIS TOSIDIS

Во Солун убиен навивач на ПАОК, кошаркарското дерби одложено

Кошаркарското градско дерби меѓу ПАОК и Арис е одложено, откако во судир на двете навивачки групи бил убиен еден навивач на ПАОК.

Момчето кое починало било на возраст од 20 години, а причина било неконтролирано крварење по убод со нож во пределот на срцето.

Грчките медиуми објавија дека во меѓувреме за инцидентот 23-годишен навивач на Арис сам се пријавил во полиција во придружба на адвокат. Тој тврдел дека бил нападнат од група навивачи на ривалскиот клуб и дека во самоодбрана со нож го избодел помладиот сограѓанин. Сепак, и покрај ваквите наводи, обвинителството против него покренало постапка за убиство со умисла, нелегално поседување оружје и негова употреба.

Адвокатот на семејството на жртвата изјавил дека осомничениот уште од почетокот се обидувал внимателно да ја гради тезата за самоодбрана.

„Во овој момент најдобро што може да направи е да молчи и да покаже почит кон споменот на жртвата“, изјавил тој.

Фаталниот судир се случил пред две вечери во солунската населба Каламарија.

Според информациите од истрагата, жртвата изгубила повеќе од два литра крв. Обдукцијата покажала дека смртоносниот удар бил директно во срцето.

Советничката на семејството на жртвата и вонредна професорка по судска медицина на Универзитет во Тесалија, Елени Зангелиду, изјавила дека причината за смртта е голема загуба на крв.

„До тоа дошло поради пукање на ѕидот на срцето, предизвикано од остар предмет, како нож. Тоа бил смртоносниот удар. Имало и втор убод под десната пазува, но првиот бил фатален“, објаснила таа.

Дополнително, покрај убодните рани, биле утврдени и сериозни повреди на главата предизвикани од удари со тап предмет, меѓу кои и скршеница на јагодичната коска.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот