Во „Скопјанка“ намерно е исклучена струјата, а „Комунална“ нема шофери за да се соберат фекалиите, сите се во пензија
Во однос на сериозниот проблем со фекалната канализација, управителот вели дека е во постојан контакт со градските претпријатија „Водовод и канализација“ и „Комунална хигиена“, но тоа било залудно. Од „Водовод“ добиле одговор дека немаат служба за испумпување фекалии, додека од „Комунална хигиена“ одговориле дека иако на располагање имаат 19 специјализирани цистерни, токму за овој проблем нема шофери што можат да ги управуваат бидејќи сите отишле во пензија
По една недела откако беше објавена сторијата за проблемите со кои се соочуваат дуќанџиите во ТЦ „Скопјанка“ во однос на исклучената струја, отсуството на редовна чуварска служба и на хидрантска мрежа, како и нефункционалната пумпа за фекална канализација, од АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, кој е управител со трговскиот центар, конечно одговорија на прашањата за овие проблеми.
Препорачано
Струјата намерно е исклучена
Дуќанџиите се пожалија дека струјата им била исклучена со месеци, а со оглед на тоа што веќе во 16 часот се стемнува, низ „Скопјанка“ во поголем дел од денот владее тотален мрак. За ова, од АДДЕЛ ПРО за „Слободен печат“ потврдија дека намерно е исклучена струјата, а како причина поради која нема ниту едно светло што работи, тие ја посочија големата сметка за струја, која им укажала дека постои енормна потрошувачка на електрична енергија, поголема од предвиденото и се сомневаат дека постојат одредени објекти и индивидуи кои „крадат“ струја.
– Поставеното осветлување низ целиот трговски центар „Скопјанка“, е исклучено од наша страна бидејќи месечните сметки за потрошена електрична енергија достигнуваа 200.000 денари имајќи притоа предвид дека истиот користеше штедливи лед сијалици, што укажува на тоа дека постоеше систем на нелегални приклучувања, односно кражба на електрична енергија, а притоа никој од шесте станбени влеза како и приватните сопственици заедно со владините служби не учествува во покривањето на трошокот на име осветлување – вели управителот и додава дека во моментов се работи на обезбедување нов тип осветлување со значително помала волтажа, со што ќе се спречи секое потенцијално „диво“ и нелегално приклучување на струја.
АДДЕЛ ПРО: Грижата за просторот е заемна, а не само наша
Тие потенцираа дека ТЦ „Скопјанка“ располага со вкупно 210 деловни простории, од кои 123 се дадени под кирија, а останатите 87 се приватна сопственост, како и дека во рамки на трговскиот има и шест станбени згради со посебни влезови. Поради бројот на приватните сопственици, како и шесте населени згради, од АДДЕЛ ПРО велат дека грижата за целиот простор не паѓа само на нивните плеќи, туку е заемна заедно со приватните сопственици, станарите и сопствениците на подземни гаражи.
– Од вкупно 210 деловни простории, ние стопанисуваме со вкупно 123 од нив, додека останатите 87 деловни простории се во приватна сопственост, додека, пак, од вкупно 118 гаражи, само 10 се во сопственост на нашето друштво, додека останатите 108 се во приватна сопственост, шест посебни згради со шест посебни влезови, што значи дека комплексот функционира како една нераздвојна целина, што значи дека за нормално функционирање треба да се грижат сите чинители, а не само АДДЕЛ ПРО – велат од Друштвото.
ПП апарати има, но нема хидранти
Во однос на недостатокот на хидрантска мрежа, кој е еден од најголемите проблеми на објектот, со што нема систем за одбрана од пожари, управителот вели дека долж целиот трговски центар се поставени противпожарни апарати, дури и на места што не се во нивна надлежност, а за нефункционалната хидрантска мрежа велат дека баш сега „Скопјанка“ е на ред за фирмата што го добила тендерот за сервисирање на ПП апаратите и хидрантската мрежа.
– АДДЕЛ ПРО спроведе јавна набавка за одржување, сервисирање и испитување на ПП апаратите, чиј прв дел заврши пред неколку денови. Вториот дел од јавната набавка продолжува со ТЦ „Скопјанка“, преку комплетно одржување, сервисирање и испитување на сите ПП апарати и комплетната хидрантска мрежа – одговорија од Друштвото.
Тие се пожалија дека во оваа „борба“ со стопанисување на просторот се оставени сами и се пожалија дека заедниците на станарите и приватните сопственици, како и владините служби немаат желба да земат одговорност и да помогнат во зачувувањето на безбедноста на комплексот.
До 16 часот има чувари во „Скопјанка“
Управителот исто така демантираше дека нема чувари низ трговскиот центар и тврди дека постои чуварска служба што работи од понеделник до петок, од 8 до 16 часот, а како мерка што како управители ја преземала за намалување на кражбите и зголемување на безбедноста на објектите, тие соопштија дека набавиле метални решетки за сите врати кои се затворени после 16 часот, освен за оние дуќани кои работат до 22 часот навечер, чии решетки се затвораат подоцна.
– За да се спречат кражбите во трговскиот центар на порталите и влезни врати што од страна на ограбувачите се продаваа по отпадите, на наша сметка низ целиот трговски центар поставивме метални решетки и врати што се отвораат во 8 часот, а се затвораат во 16 часот, а доколку некој работи до доцна во денот, тие се затвораат од нивна страна и тоа беспрекорно функционира повеќе од 10 години – одговорија од АДДЕЛ ПРО.
Пумпата се затнува, „Водовод“ не помага, „Комунална“ нема возачи
Очекувано, за најголемиот проблем – фекалната канализација која не функционира и предизвикува огромна смрдеа, добивме најобемен одговор во кој наведоа дека пумпата не функционира бидејќи во неа наместо само фекалии, влегуваат секакви пластични предмети кои константно ја затнуваат и посочија дека и покрај многубројните известувања и препораки дадени од нив како управител до сите корисници на просторот во однос на правилно депонирање на отпадот и зачувување на пумпата, тие, како што вели управителот, си продолжуваат по свое.
– Фекалната пумпа има за цел да ги прибира фекалиите од самиот комплекс и со помош на две пумпи да ги крене на ниво на булеварот и да ги одложи во главната канализациска мрежа, а за нивно непречено функционирање, во септичката јама мора да влегуваат само фекалии, но не и пластични кеси, презервативи, партали, ткаенини, ситни предмети, пластика… Редовно од наша страна се лепи известување на сите гаражи, влезови и приватни деловни простории. Известувањата во истиот момент се кинат и се фрлаат низ гаражниот дел и низ трговскиот центар, а тие си продолжуваат по старите навики – велат од АДДЕЛ ПРО.
Топката постојано се префрла на едната и другата страна помеѓу управителот и дуќанџиите, но сега, се појави нов „виновник“ зашто цела „Скопјанка“ мириса ужасно, а тоа, како што наведоа од АДДЕЛ ПРО е Градот Скопје и непостапувањето на неговите претпријатија „Водовод и канализација“ и „Комунална хигиена – Скопје“.
Според управителот, тие се во постојан контакт со гореспоменатите претпријатија, но залудно бидејќи од „Водовод“ немаат служба за испумпување фекалии, додека, пак, од „Комунална хигиена“ добиле одговор дека иако имаат 19 специјализирани цистерни со кои располагаат, нема шофери што можат да ги управуваат бидејќи сите отишле во пензија.
– Ние сме во постојан уснен и писмен контакт со ЈП „Водовод и канализација“ како и со ЈП „Комунална хигиена“, како би можеле да ги користиме нивните услуги. ЈП „Водовод“ ни одговори дека немаат служба за испумпување фекалии, додека ЈП „Комунална хигиена“ ни одговори дека за 19-те цистерни што се специјализирани за исцрпување на фекалии, немаат ниту еден оператор бидејќи сите заминале во пензија, а ниту еден не е примен – велат од АДДЕЛ ПРО.
Очигледно управителот на ТЦ „Скопјанка“ се соочува со голем број проблеми за кои вели дека се во процес на решавање, фраза која е навистина често користена од надлежните органи и институции, но поразителен е и фактот што ЈП „Комунална хигиена“ освен огромните правни и механизациски проблеми со кои се соочуваше изминативе месеци за одржување за чистотата на Скопје, нема ниту еден шофер за да ги управува цистерните за испумпување на фекален отпад, ограничувајќи ги опциите за решавање на овој сериозен проблем, поради кој „Скопјанка“ веројатно уште долго време нема да се ослободи од огромната септичка јама и ужасната миризба.


