Амбиент од снимањето на филмот „Пролетно чистење“

Во продукција на „Кино око“ почна снимањето на играниот филм „Пролетно чистење“ на Марија Апчевска Петровска

Во скопската населба Пржино почна снимањето на дебитантскиот долгометражен игран филм „Пролетно чистење“, по сценарио на Марија Апчевска Петровска и Ереник Бекири од Албанија, а во режија на Апчевска Петровска.

Филмот ја раскажува приказната за Варава, одметнатата ќерка која се враќа во својот мал роден град поради самоубиството на нејзината мајка, но се чини дека и нејзината мајка се вратила од задгробниот живот за да ја научи на некои лекции.

Во главните улоги се јавуваат Јулиа Марковска Фалзон и Зоја Николова за кои ова е прво филмско искуство, како и Стефан Вујисиќ и Ана Костовска од Македонија, и Ника Розман од Словенија.

Директор на фотографијата е Константинос Кукулис од Грција, од Србија авторската екипа се состои од Драган Вон Петровиќ со монтажа и костимографката Лидија Андриќ, додека дизајнер на шминка и маска е Мојца Горогранц Петрушевска од Словенија. Македонски автори во филмот се нашите докажани професионалци Кирил Спасески, како дизајнер на продукција, и Игор Поповски, кој е одговорен за звукот.

Филмот е во продукција на „Кино око“ на Роберт Насков и финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, филмските центри на Словенија, Грција и Србија, како и од ERT – Националната телевизија на Грција.

Овој проект доби финансиска поддршка и од Европскиот кинематографски фонд „Еуримаж“, а во фазата на развој беше поддржан од програмата МЕДИА и од SEE Cinema Network. Копродуценти на филмот се Антигони Рота (Foss Productions) од Грција, Боштјан Иковиќ (Arsmedia) од Словенија и Милош Љубомировиќ (Servia Film) од Србија.

Ова е прв долгометражен филм на Марија Апчевска Петровска, чиј последен краток филм „Северен пол“ беше првиот македонски филм кој ја имаше својата премиера во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал и беше прикажуван на повеќе од 150 фестивали во светот, каде освои голем број награди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот