Во последниве 20 години се убиени 1,668 новинари

Новинари илустрација/ Фото Архива

Од 2003 до 2022 година во светот биле убиени 1.668 новинари, во просек 80 годишно, а најопасни земји за оваа професија биле Сирија и Ирак, се наведува во извештајот на Репортери без граници (РСФ). „За 20 години, 578 новинари се убиени во тие две земји погодени од војна, што е повеќе од една третина од сите убиени новинари“, се наведува во извештајот.

Најопасни земји за новинарите се Мексико (125 загинати новинари), Филипините (107), Пакистан (93), Авганистан (81) и Сомалија (78). Најцрни години беа 2012 година кога беа убиени 144 новинари и 2013 година кога беа убиени 142 новинари, особено за време на конфликтот во Сирија. Еден вид „затишје“ доаѓа со 2019 година, додаваат од здружението за заштита на слободата на медиумите, но бројот на убиени повторно почна да расте во 2022 година поради војната во Украина.

Годинава загинаа 58 новинари, а лани 51. Од руската инвазија на Украина, осум новинари се пријавени за исчезнати. Во таа земја во претходните 19 години беа убиени 12 новинари и е втора најопасна земја во Европа за новинарите, по Русија, каде во последните 20 години беа убиени 25 новинари, меѓу кои и Ана Политковска, која беше ликвидирана во октомври 2006 година.

РСФ наведува дека со доаѓањето на Владимир Путин на власт зачестија нападите и убиствата на новинари. Со осум убиени новинари, Франција се најде на четвртото најопасно место во Европа, зад Турција, по нападот на редакцијата на Чарли Хебдо во Париз во 2015 година.

На глобално ниво, во изминатите 20 години, повеќе новинари се убиени во мировните зони отколку во воените зони, а нивната смрт е поврзана со истраги за организиран криминал и корупција. Речиси половина од убиените новинари во 2022 година се од американскиот континент, а најопасни земји се Мексико, Бразил, Колумбија и Хондурас.

ИНФОГРАФИК | Новинарството во светот станува сѐ поопасна професија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот