Триангл и Трендафилов/ Фото: ССМ

Во Македонија има сериозни прекршувања на работничките и на синдикалните права, оценија од Меѓународната конфедерација на синдикати

Македонија денес прекршува еден од клучните и основните стандарди на Меѓународната организација на трудот, а со тоа и на Обединетите нации, рече Лук Триангл кој имаше средба со претставниците на ССМ во Скопје

Кршење на работничките права, страв за синдикално организирање, заплашување на синдикален лидер се дел од забелешките на Лук Триангл, генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати, кој беше во посета на Македонија поради, како што кажа, „лошата состојба со социјалниот дијалог“. Тој алармираше дека „ситуацијата е таква што Македонија денес врши прекршување на еден од клучните и на основните стандарди на Меѓународната организација на трудот, а со тоа и на Обединетите нации“.

– Ние веќе 12 години правиме одредено истражување врз основа на 97 индикатори и во јуни секоја година го издаваме таканаречениот глобален индекс за права што ја разгледува ситуацијата со работничките права во 151 земја низ целиот свет. Земјите ги рангираме со оценки од 1 до 5 каде што 1 е највисоката оценка, а 5 е најниската. Македонија во последните години имаше оценка 2 која беше доста добра оценка, но сега е на оценка 4. Таа бројка со која е оценета Македонија значи дека има сериозни прекршувања на работничките и на синдикалните права и тоа на систематски начин, кој означува дека тоа не се случува еднаш, туку се случува континуирано – изјави Триангл.

Претставниците на Меѓународната конфедерација на синдикати дојдоа во Скопје/Фото: ССМ

Тој порача дека мора да се запрат нападите врз синдикатите и врз синдикалниот лидер.

– Улогата на синдикалниот лидер е да преговара за подобри услови за работа за своите членови, за подобри и повисоки плати за своите членови и не може последица од исполнувањето на таа улога да биде кампања на јавно осудување и на јавно критикување. Таа кампања не може да биде црна кампања во медиумите што ги вклучува дури и семејствата и децата на синдикалниот лидер, тоа е апсолутно неприфатливо – порача претседателот на Меѓународната конфедерација на синдикати.

Тој оцени дека во Македонија е нарушена и Конвенцијата 98 на Меѓународната организација на трудот за колективно договарање.

– Тоа е уште еден основен стандард на Меѓународната организација на трудот, кој им дава на работниците право да преговараат колективно и еден од главните стандарди со кои се организираат пазарот на трудот и социјалниот дијалог – вели Триангл.

Тој порача и дека минималната плата во Македонија е неприфатлива затоа што една третина од работниците заработуваат плата што е под линијата на сиромаштијата.
Тој упати и отворено прашање до Владата: „Дали сериозно ги сфаќате социјалните партнери, синдикатите и Организацијата на работодавачи?“

Според агендата, за денес се закажани и состаноци меѓу Триангл и претставници на Владата.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека зад работничкиот протест стои СДСМ, Ампева порачува да се засрамат

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот