Кристина Ампева и „Гласен текстилец“ на проетест. Фотографија: Фејсбук на Ампева

ВМРО-ДПМНЕ вели дека зад работничкиот протест стои СДСМ, Ампева порачува да се засрамат

Се срамам и во ваше име. Жал ми е што вечерва тие работници читаат вакви навреди и омаловажувања. Не се бројки, животи се, судбини. И ваш народ кој ви дал власт,остро реагираше претседателката на Гласен текстилец

Од ВМРО-ДПМНЕ по денешниот голем работнички протест за повисоки плати обвинија дека тој е политички инструиран. Кристина Ампева од Здружението Гласен текстилец и од Гласен синдикат, кои беа поддржувачи на протестот, порача дека „бедно е да им кажете на работниците и работничките од градовите ширум Македонија кои дојдоа денес во Скопје, дека се партиски мотивирани“.

„Не доликува на власт на една држава, на една партија која доби апсолутна власт, а додека беше во опозиција велеше дека работниците заслужуваат достоинствени плати и услови. Дека работниците и младите можат да останат во Македонија и не заминуваат надвор. Во ред е да слушаме лаги веќе 30 и кусур години и се надеваме дека секоја идна власт ќе биде подобра од претходната. Навикнати сме. Но не е хумано е и не е фер да се политизира протест на кои дојдоа работниците кои ја создаваат економијата, кои плаќаат даноци за функционерите да имаат удобни фотелји, убави плати од илјадници евра и секако патни трошоци. Да бевме нормална држава, ќе се срамеа да го помислат, а не пак изговорат тоа Не знам како не разбра, ниедна власт до сега, дека ништо не е вечно. И дека кога доаѓаат на тие функции се таму за да го подобрат животот на граѓаните кои ги гласале да седнат на тоа столче функционерско. А не пак да ги бојат со партиски бои и ги исмеваат барањата за повисока плата и подобар стандард. Без тие работници, немате држава, немате економија, немате ништо“, напиша Ампева на фејсбук.

Таа, исто така, и порача на партијата на власт:

„Се срамам и во ваше име. Жал ми е што вечерва тие работници читаат вакви навреди и омаловажувања. Не се бројки, животи се, судбини. И ваш народ кој ви дал власт“.

Претходно Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека „зад денешните протести јавноста јасно виде дека наместо ССМ, стои СДСМ односно нивни луѓе ги организираат работниците низ Македонија за да дојдат денес во Скопје“.

– Колку за илустрација, во Тетово, како и од тој регион работниците ги организираше истакнатиот член на СДС, Мирослав Павловски. Работниците од Струмица и околината ги организираше Бранко Георгиев. Тој е поранешен раководител во струмичкото Јавно претпријатие „Комуналец“ во време на СДС. Оливер Трајковски кој води штаб на СДС во Куманово и е вработен во тамошното Јавно претпријатие „Чистота и зеленило“ ги организира работниците од Куманово и кумановско. И сите овие како и други од СДС кои се во организацијата на денешниот протест, наместо да ја зајакнуваат партијата која се движи кон пропаст да не кажеме исчезнување, тие решиле да си организираат протести на ССМ – рече Петрушевски.

Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов сумирајќи ги впечатоците од денешниот протест, на „Фејсбук“ напиша:

„Работниците денес покажаа дека не се издржува со 26.000 денари минимална плата. Работниците не излегоа за да се прошетаат туку да им укажат на власта и работодавачите дека со празни фрижидери, продуктивен работник не се одржува. За да го помине месецот како ЧОВЕК на работникот му требаат 64.000 денари, а добива трипати помалку, рече Иван Пешевски (претседател на Синдикатот на градежништво н.з) и не погреши“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот