Свадба / Фото: Архива на Слободен печат

Во Куманово, Прилеп и Битола не прават свадби, од пистите летаат само авиончиња- велат од аероклубовите

По рекламите на „Дион Стенковец“ за организрање на настани, најавени се опсежни инспекциски контроли на сите спортски аеродроми

Дел од аероклубовите во земјава се изненадени од најавите на министерот за транспорт Александар Николоски, дека ќе бидат цел на опсежни контроли за нивното работење, откако се прошири веста дека на скопскиот аеродром Стенковец се одржуваат свадби и други свечености. Претставниците на аероклубовите, кои стопанисуваат со спортските аеродроми во Битола, Куманово и Прилеп, со кои разговараше „Слободен печат“, се децидни воопшто не излегле од основната дејност и не организирале, ниту имаат услови за свадби и други свечености и дека нема што да кријат од инспекциите.

Од Државниот пазарен инспекторат, истакнуваат дека доколку бидат вклучени во најавените контроли нивната задача би била да видат дали се почитува Правилникот за минимално-техничките услови според Законот за угостителство, се разбира дека доколку некои од аероклубовите вршат друга дејност, освен основната- воздухопловство.

-Се надевам дека од почетокот на годината ќе добиеме сосема нов Закон за угостителство со јасни и прецизни насоки – вели за „Слободен печат“, директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски.

Од трите аероклубови, додаваат дека функционираат како Здруженија на граѓани и не добиле ниту денар од државата во изминатите 25 години. Сами ги одржуваат хангарите, помошните простории, ја косат тревата околу пистите и одржуваат аеро митинзи. Во Македонија има 5 вакви воздухопловни центри и тоа во Скопје, Куманово, Штип, Битола и во Прилеп. Сите освен оној во Штип функционираат со приватни воздухоплови, а државата воопшто не го помага овој спорт ниту пак овие центри. Министерот Николоски пак смета дека тие мора да ја задржат основната дејност и не смее да има манипулации.

-Во минатото сите спортски друштва се водеа како Здруженија на граѓани, но со промените на Законот за спорт, некаде пред десеттина години, тие добија право да се трансформираат во Акционерски друштва. Но, тоа не значи дека тие треба да ја губат основната дејност и од аероклубови да стануваат организатори на свадби, концерти, тим билдинзи и останати настани, коишто се промовираат на аеродромот Стенковец или собир на моторџии на аеродромот во Куманово, или како на пример во Битола пистата да е приватизирана – подвлече Николоски.

Општина Куманово од 2023 година официјално е сопственик на спортскиот аеродром „Аџи Тепе“, а како што тогаш истакна градоначалникот Максим Димитриевски, аеродромот бил оставен на забот на времето и единствено кои се грижеле за него, но неофицијално и со документација, биле членовите на спортскиот Аероклуб Куманово, кој постои повеќе од 90 години. Од овој клуб за нашиот весник велат дека никогаш не правеле свадби, ниту други свечености и не размислуваат во тој правец.

-Со скромните ресурси со кои располагаме сами водиме грижа за пистата и придружните простории, оти тука ништо не е инвестирано со децении, иако може да се смета за стратешки објект на државата – ни рекоа во кумановскиот Аероклуб.

И од Аероклубот во Прилеп, кој постои 70 години, велат дека не се регистрирани како АД и освен основната дејност – воздухопловството не се занимаваат со други настани. Во 2022 година, по 50 години спортскиот аеродром Прилеп во близина на селото Мало Коњари, беше реконструиран, а аеро клубот Прилеп доби пристојни услови за работа.
Хангарот бил изграден во далечната 1972 година а тука функционирале повеќе секции, моторно летање, едриличарство, моделарство, падобранство. Сега се останати, само ултра лесното летање и дел од едриличарството.

И во Аероклубот од Битола се разочарани од најавите на министерот за транспорт и велат дека наместо државата да им честита на ентузијазмот и одржувањето без никакви средства, сега ќе ги казнува.

-Сами вршиме поправки на хангарот, ја косиме тревата околу аеродромот на секои две недели, набавуваме резервни делови за авионите, кои не може да се купат во супермаркет. Од кај нас потекнуваат сите актуелни и поранешни пилоти, кои сега се на првата борбена линија со пожарите – велат од битолскиот клуб за „Слободен печат“.

На Инстаграм „Дион Стенковец“ порачува „Претвори ја твојата луда идеја во свадба од соништатта“. Понуден е број за проверка на термини, а може да се видат слики и од просторот, како и од јадењата што се служат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот