Во Кучково ќе се изведе нова бушотина за да се реши проблемот со вода
Жителите на скопското село Кучково можеби летово нема да се соочат со проблемот кој го имаа минатото лето, кога со месеци немаа вода и единствен спас од непријатната ситуација им беше селската чешма. Од Општина Ѓорче Петров даваат надеж дека проблемот ќе се реши.
Препорачано
Во однос на проблемот со водата во селото Кучково изготвен е проект за нова бушотина и во наредната фаза се очекува избор за изведувач за реализација на проектот– велат од Општината.
Жителите на селото лани повеќепати бараа од Општината да најде решение поради тоа што останаа без вода, дури и со блокада на патот кој води до селото се обидоа да го свртат вниманието на јавноста кон несериозниот пристап на локалните власти во Ѓорче Петров за нивниот проблем.
Ова село не е приклучено на градскиот водовод, а четирите бунари, односно бушотини, од кои селото се снабдува со вода, кои се со длабочина од 32 -120 метри, според надлежните, беа пресушени.
Во претходниот период направени се 4 бунари на различни локации, каде во почетокот имало некоја количина на вода, но поради карсноста на земјиштето, водата постепено се губи ибунарите остануваат суви. Општината во изминатиот период ги извести граѓаните на с.Кучково дека имаме изработено студија за местоположба – наоѓалишта на подземни води, преку Институтот за геосеизмичко инженерство и геохидролошка анализа, каде што е утврдено можно наоѓалиште на подземна вода на длабочина од 120-150 – објаснуваа минатото лето од Општината.


