Во корупцијата нема ништо ново, уште се чека предметите да – застарат!

Корупција
Корупција / Фото: Архива на „Слободен печат“

Истражување спроведено од Транспаренси интернешнл покажува дека од 350 случаи доставени до Јавното обвинителство, само 50 се најдени во судовите.

Подобрувањето на човековите права, начинот на кој беа организирани последните избори, реформските процеси, судските постапки за случаи на висока корупција, работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Акцискиот план за борба против корупцијата се причините поради кои Македонија годинава доби четири индексни поени повеќе и скокна за 24 места на индексот на корупција на Транспаренси интернешнл.

Но, дали е тоа доволно и како да се зголеми ефикасноста на институциите што се надлежни за борба против корупцијата.

Според податоците на ДКСК, за 20 години се поднесени 165 иницијативи за кривично гонење, но само три од нив стигнале до судот. Истражување спроведено од Транспаренси интернешнл, пак, покажува дека од 350 случаи доставени до Јавното обвинителство, само 50 се најдени во судовите.

Тасева: Проблемот е во Обвинителството

Слаѓана Тасева, претседателката на Транспаренси интернешенл, за „Слободен печат“ вели дека проблемот во неефикасноста на институциите во борбата против корупцијата лежи во Јавното обвинителство. ДКСК, според неа, имал голем успех со обработка на предметите. Проблемот е во Јавното обвинителство, зашто и МВР и финансиската полиција се прашуваат дали се процесирани нивните пријави.

– Обвинителството не постапува по пријавите на ДКСК, но ниту по оние од МВР и на другите државни органи. Во најголем дел се чека да застарат. Прашање е што се случи со предметот „Окта“. Ние го најдовме договорот во бирото на Никола Груевски. Или со предметот „Национална платежна картичка“, оценет како висока корупција со која е оштетен буџетот. Или случајот „Телеком“, кој со ДКСК го работевме по основа на пријава од укажувач, кој доби отказ од работа. И уште многу други предмети што беа добро обработени – вели Тасева.

Таа додава дека не се во ред обвинувањата на адреса на ДКСК.

– ДКСК имаше голем успех со обработка на предметите. Да не го заборавиме „Фершпед“, па Иснифарис Џемаили, исто така. Откако ние покажавме резултат, политичарите решија да ја стават под контрола, па од 2007 до 2017 година ништо не се сработи – ни изјави Тасева.

Јавното обвинителство е неефикасно во борбата против корупцијата, сметаат и во ДКСК. Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска изјави дека треба да се зајакнат капацитетите на Обвинителството за предметите што поскоро да завршат во судот. Антикорупциска во текот на 2021 година донела решенија за 707 предмети. Од нив, 404 се за корупција, 171 се однесуваат на судир на интереси, 40 за непочитување на законските одредби во текот на изборниот процес и 92 решенија при потврдување на имотот на функционерите.

– До Јавното обвинителство во изминатите три години се поднесени 18 иницијативи. Од овие 18 иницијативи, за шест добивме одговори, од кои две се одбиени, за две фактичката состојба е променета, бидејќи лицето е починато, а за две иницијативи Јавното обвинителство сè уште постапува. Треба да се зајакне капацитетот на Јавното обвинителство генерално за да може предметите побрзо да се префрлаат во судовите – смета Ивановска.

Јовески: Има напредок, но и простор за корекции

Завчера во интервју за Радио „Слободна Европа“ републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески одговори на некои од прашањата што се наметнуваат во јавноста.

– Има напредок во борбата против корупцијата, но има активности што треба да бидат преземени, особено од Обвинителството – рече Јовески.

Скокот на Северна Македонија за една година за 24 места на индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл покажува дека има напредок во борбата против корупцијата, вели Јовески.

– Мора да се биде искрен и да се признае дека во овие извештаи се нотираат и определени дејства или активности што треба да ги преземе државата и особено кога зборуваме за надлежноста на Јавното обвинителство – оценува јавниот обвинител Љубомир Јовески.

Тој рече и дека Обвинителството има отворено предмет за висок функционер во Владата, потоа за државен секретар од едно од министерствата, за обвинители, судии…

– Моја оцена е дека Обвинителството не постапува селективно, туку се држи до рамките на законот и принципот за неселективна правда. Сакам да истакнам дека Обвинителството има отворено повеќе предмети и по службена должност, или како што вели јавноста – по допрен глас – изјави Јовески за Радио Слободна Европа.

Пријава од ДКСК против ексминистерот Сухејл Фазлиу

ДКСК минатата недела ѝ предложи на Управата за финансиска полиција да ја прошири кривичната истрага против поранешниот министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу за злоупотреба на службената положба. Како што појасни членот на ДКСК, Нури Бајрами, случајот е формиран на негова иницијатива, поточно по гласините во медиумите против поранешниот министер за локална самоуправа.

Фазлиу беше министер од 1 јуни 2017 година до 26 јуни 2019 година. Тој се товари за злоупотреба на службената положба, како и за несовесно работење. Министерот и други функционери од ова министерство користеле службени возила за приватни цели, а на сметка на буџетот на установата. Во пријавата пишува и дека Фазлиу го вработил целото потесно семејство на високи позиции во Министерството.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот