Во издание на „Кроација рекордс“: „Као какао“ на „Леб и сол“ повторно на винил по 35 години
„Као какао“, кулниот албум на „Леб и сол“, е „роден“ пред 35 години, а по тој повод издавачката куќа „Кроација рекордс“ го издаде ексклузивното винилно реиздание на „Као какао“.
Култната група „Леб и сол“ во 1987 година го издаде „Као какао“, едно од најзначајните музички дела во ексјугословенската дискографија.
Препорачано
Од издавањето на култниот албум поминаа 35 години, а по тој повод издавачката куќа „Кроација рекордс“ го претстави ексклузивното винилно реиздание на „Као какао“.

Албумот што остана неверојатно актуелен до ден-денес, повторно е достапен во физичка форма, на 180-грамскиот винил, режан со половина брзина, „half speed“ во студиото „Аби роуд“ во Лондон, наведуваат од „Кроација рекордс“.
Изданието вклучува и богата книга со фотографии од Георги Христовски, архивски фотографии од „Кроација рекордс“ и придружни текстови.
По албумите „Калабалак“ (1983) и „Тангента“ (1984), издадени за „Југотон“, следувал „Звучни зид“ (1986), во 1987 година го издале проектот „Као какао“, кој според многумина е најамбициозниот во нивната дотогашна кариера. Во групата биле и клавијатуристот Кирил Џајковски и саксофонистот Гоце Мицанов, а како гости се појавиле Ана Костовска и Беби Дол, додека Рони Ватен свирел ирски гајди. На плочата, која во 1999 година во Хрватска била прогласена како најуспешно ЦД-реиздание, се нашле девет вокални теми, од кои голем број станале хитови, какви што се „Скопје“, „Као какао“ и многу други. На овој проект се нашла и извонредната „Femme Fatale“ на хрватскиот кантавтор Арсен Дедиќ. Кон крајот на 1987 година на престижната југословенска манифестација Месам, „Као какао“ на „Леб и сол“ се закитила со три златни грамофони.

Целиот материјал е снимен во познатото М-2 студио на Радио-телевизија Скопје, каде што, меѓу другите, снимала и групата „Бијело дугме“.
Албумот „Kao какao“ звучи неверојатно свежо концептуално и продукциски, па дури и според денешните продукциски стандарди е извонреден албум.
За звукот на овој албум, меѓу другите, бил задолжен и Братислав Зафировски, кој освен за снимањето, бил заслужен и за миксот, а со Влатко Стефановски и Бодан Арсовски ја потпишале и продукцијата на „Као какао“.
Со ова издание „Леб и сол“ го обезбеди статусот на еден од најголемите состави во историјата на нашите простори.
Винилното реиздание на „Као какао“ фановите од Македонија можат да го нарачаат онлајн, преку веб-шопот на „Кроација рекордс“.
Македонската џез-рок група „Леб и сол“ е формирана на 1 јануари 1976, од нејзините основачи Влатко Стефановски и Бодан Арсовски, претходни членови на групата „Брег“ со Мики Петковски, како и Никола Димушевски и Димитар Чочоровски.
Под продуцентската палка на Јосип Бочек, некогашниот гитарист на групата „Корни“, во студиото на РТВ Нови Сад, во септември 1977, „Леб и сол“ го снимиле своето самонасловено деби-издание „Леб и сол“. На плочата во џез-рок стил се нашле девет песни, од кои дури шест биле инструменталки. Во нивната реализација учествувале сите членови на групата.

Во декември 1995 година „Леб и сол“, со Гарабет Тавитјан зад тапаните, настапувале во хрватските градови Загреб, Риека и Пула. Прошталниот концерт го имале на 13 декември 1995 во клубот „Милос“ во Солун, Грција. М. Р.


