Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ беше претставена збирката раскази „Луѓенца“ од Лилјана Пандева

Александра Јуруковска и Лилјана Пандева

Книга на месецот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје е збирката раскази „Луѓенца“ од авторката Лилјана Пандева. По тој повод, на 4 март, во спомен-собата „Т’га за југ“, се одржа пригоден разговор што го водеше книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од расказите читаше актерот Андреј Серафимовски.

Збирката „Луѓенца“ („ПНВ Публикации“, 2022) содржи седумнаесет мајсторски раскажани раскази за колку обични, толку и необични луѓе, што можеби секојдневно ги среќаваме на улица.

– Последниве неколку години постојано му се навраќам на расказот. Многу го сакам и многу ми е жал што во денешно време некако е запоставен. Романот доминира на книжевната сцена кај нас и во светот, сите сакаат да читаат романи. Ретки се оние што бараат расказ. А расказот бара сериозна работа, сериозно знаење и посветување. Дури ми се чини дека од секој расказ од „Луѓенца“ би можело да се направи роман. Од роман расказ би било потешко – подвлече Лилјана Пандева во разговорот за „Луѓенца“.

Лилјана Пандева е родена во 1964 година во Ново Село, Струмица. Таа е дипломиран професор по македонска и јужнословенски книжевности и македонски јазик. Доктор е на филолошки науки.

Добитник е на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2021 година во областа на културата за придонес во македонската современа книжевност и како лектор по македонски јазик, како и на повеќе награди за краток расказ. Автор е и на поголем број научни трудови од областа на македонистиката и книжевната критика.

Книгата на месецот, разговорот со авторот и клубот на читатели се дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“, што Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ја спроведува втора година по ред, како силна поддршка за домашните автори, издавачи, но и на македонскиот јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 221, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот