Во градинка во Кисела Вода се појави опасната бактерија МРСА

Во градинката „Весели цветови“, односно во клонот „Кокиче“, се појави опасната бактерија МРСА, алармираат загрижени родители кои се јавија во редакцијата на „Слободен печат“.

Информацијата ја потврдија и од Центарот за јавно здравје, кои што посочија дека направен е увид во просториите на објектот, и дадени се насоки по кои треба да се постапува со цел да се спречи епидемија.

– Добро е да се направи дезинфекција, редовно да се проветруваат просториите, да се води сметка за хигиената на кујнскиот прибор и играчките. Сепак, нема простор за паника. МРСА не е патогена бактерија, и од неа не треба да се плашат луѓе и деца со добар имунитет. Лошо е ако се појави во болница, каде што имунитетот на пациентите е видно опаднат, но во градинка претпоставуваме дека одат здрави деца – велат од Центарот за јавно здравје.

Дали во градинката постапиле според препораките на епидемиолозите од Центарот за јавно здравје ја прашавме директорката на ЈУДГ „Весели цветови“ Валентина Божиновска, која информира дека МРСА е забележана кај една вработена и кај едно дете.

– Од наша страна направена е дезинфекција на просториите и променети се постелнините. За да ја намалиме загриженоста кај родителите, вработената кај која е потврдена бактеријата не доаѓа на работа, иако докторите сметаат дека нема опасност од нејзиниот контакт со децата. Засега состојбата е стабилна, ако се појават нови случаи, во соработка со Центарот за јавно здравје ќе им бидат направени бактериолошки испитувања на децата и персоналот на градинката – објаснува Божиновска.

Што претставува бактерија МРСА?

MRSA или Метицилин резистентен стафилокок е бактерија Staphilococcus aureus која развила специфична отпорност на почеток на дејството на пеницилинот, а потоа и на делувањето на антибиотикот метицилин и слични антистафилококни лекови кои припаѓаат на групата бета-лактамази.

МРСА е отпорна на антибиотици, што значи дека тешко се лекува болеста што ја предизвикала. Проблемот е во тоа што ако направи инфекција, изборот на лекови за нејзино лекување е мал.

Иако бактеријата кај здравите луѓе со јак имунитет не предизвикува болест, таа може да предизвика сериозни инфекции кај лицата со намален имунитет и со оштетена кожа или слузници. Доколку продре под кожата или во телото, може да предизвика сериозни заболувања како: гнојни инфекции на кожата, воспаление на дишните патишта, пневмонија.

За да се заштитиме треба да водиме сметка за правилната и редовна лична хигиена. Редовното миење на рацете е најважна работа. Задолжително е миење на рацете со сапун и млаз вода пред секое земање на храна или после посета на болен. Треба да се избегнува контакт со болни, како и да се избегнува користење на заеднички предмети за лична хигиена (пешкири и сл.).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот