Во галеријата „Метаноја“ е поставена изложбата „Таен премин кон Месечината“ на Ване Костуранов

Галерија „Метаноја“

Во галеријата „Метаноја“ во Скопје, во соработка со Балканскиот институт за вера и култура, од 28 ноември е поставена изложбата „Таен премин кон Месечината“ на Ване Костуранов.

Авторот е роден и живее во Струмица. Тој е самоук сликар и илустратор. Неговите дела ги истражуваат двата света во кои тој постои – свесниот и несвесниот, внатрешниот и надворешниот свет. Овие два навидум спротивставени света се судираат во неговите слики и тешко е да се утврди каде едниот почнува, а другиот завршува.

Во однос на најновата изложба со наслов „Таен премин кон Месечината“, рецензентот д-р Коста Милков посочува дека препознатливите куќички на Ване Костуранов сѐ повеќе излегуваат од „осаменоста“ на своето постоење. Заштитниот знак на овој уметник, дводимензионалните ѕидови со прозорчиња и покрив, еволуирал.

„Не се работи толку за перспективата на ’лебдење‘ на платното, колку за посмелата употреба на бои и пејзажна перспектива на куќичките“, објаснува Милков, кој додава и дека „Ване е уметник-мечтател, кој сака да ги преиспитува и да ги предизвикува парадигмите“.

Коста Милков, Ване Костуранов и Нада Милкова, директорка на галеријата „Метаноја“, на отворањето на изложбата

– Конечното уметничко дело е комплетирано преку „техне“ и „логос“ не во смисла на современиот композит „технологија“, туку во смисла на егзистенцијалната феноменологија. Овие два концепта се неизбежно поврзани на нивото на соодносот меѓу уметничкото (τέχνη) и словесното (λόγος ). Процесот на креативната концептуализација со бои и четка и мисловната концептуализација со зборови и перо овозможуваат артикулација на она што генерички се именува како духовно. Притоа „техне“ ја претставува естетската рефлексивност, а „логос“ ја изразува контемплативната поетичност. Куќичките, дрвјата, патеките, Сонцето и Месечината на Костуранов се уметничка поезија – истакнува рецензентот д-р Коста Милков.

Изложбата „Таен премин кон Месечината“ на Ване Костуранов во галеријата „Метаноја“ ќе трае до крајот на јануари 2024 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 207, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот