Во Францускиот институт ќе биде отворена нова изложба од серијата „Вкрстени погледи“
Вечер посветена на уметнички дијалог помеѓу францускиот сликар Клеман Бедел и македонските уметници Христина Иваноска и Јане Чаловски ќе се одржи на 12 мај, со почеток во 19 часот, во Францускиот институт во Скопје. Настанот ќе го отвори Н.Е г-дин Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Поаѓајќи од архитектонски и монументални форми поврзани со пост-екс-Ју просторот, сликите на Клеман Бедел и колаборативниот проект „Драматургија на незавршеното“ на Христина Иваноска и Јане Чаловски ја разработуваат темата за културното наследство преку современата уметност.
Сликите на Клеман Бедел ја истражуваат чувствената тежина на овие архитектури – она што тие го чуваат во себе, нивното присуство или двосмисленост во денешнината, а проектот „Македониум – Драматургија на незавршеното“ (2023) на Христина Иваноска и Јане Чаловски е сеопфатен колаборативен проект составен од книга, филм, скулптура и серија од 12 графики. Проектот е реализиран во соработка со режисерката Теона Стругар Митевска и графичката дизајнерка Неда Фирфова, а заснован е врз долгогодишно истражување во архивите на Јордан и Искра Грабулоски, автори на Споменикот „Илинден“ (познат и како „Македониум“) во Крушево (1979).
Проектот ги проблематизира наративите, претставите и политичките импликации поврзани со ова културно наследство. Преку овој проект, кој ги спојува книгата, филмот, скулптурата и графиките, и потпирајќи се на архивите на споменикот, Иваноска и Чаловски ја испитуваат конструкцијата на монументалните наративи и нивните современи судбини, одбивајќи да ги сведат на обични естетски форми.
Серијата настани „Вкрстени погледи: културно наследство и современа уметност“ е под кураторство на Мелоди Робин, чија работа ги потенцира врските меѓу француската и македонската уметничка сцена и поттикнува нови творечки размени меѓу двете земји.
Како и во секое издание на серијата, изложбата ќе биде појдовна точка за проширена дебата меѓу уметниците, кураторката и публиката.


