Во Аеродром со чудни табли се ограничува паркирањето спроти Железничката станица
На двата паркинзи, едниот со зонско паркирање со кој стопанисува ЈП „Градски паркинг“, и вториот кој е бесплатен, сместени точно меѓу згради на улицата „Бојмија“, се појави табла според која паркинг-местата се наменети само за посетителите на дискотеката во ноќните часови
Голем број станари од блокот згради наспроти скопската Железничка станица подолг период „маки мачат“ со паркирањето на своите возила, земајќи предвид дека поради релативно малиот простор исполнет со четири висококатници, паркингот е ограничен на две паркиралишта и местата се небаре „броени“ за стотиците станари. Тие пред неколку денови се соочија со нешто сосема ново, на двата паркинзи, едниот со зонско паркирање со кој стопанисува ЈП „Градски паркинг“, и вториот кој е бесплатен, сместени точно меѓу згради на улицата „Бојмија“, се појави табла според која паркинг-местата се наменети само за посетителите на дискотеката во ноќните часови.
Препорачано

Потребите на дискотеката се поважни од потребите на станарите?
Со оглед на тоа што овие паркинзи се во непосредна близина на ноќниот клуб „Евент центар“, сместен под Железничката станица, веројатно знакот е наменет за потребите на споменатата дискотека односно за паркирање на автомобилите на гостите, иако пред влезот на ноќниот клуб има неколку паркинзи, еден точно пред вратите на клубот, додека, пак, вториот, кој патем е огромен и собира стотина автомобили, но е сместен на три минути пеш од локацијата што можеби е многу далеку за гостите, па затоа сега има обид да се узурпираат и паркинзите преку улица.
Станарите од овие згради до „Слободен печат“ пратија фотографии од информативните табли на паркинзите, кои се обични, како и другите, со името на зоната, бројот за праќање СМС-порака, содржината на пораката и цената на паркинг по час, но оваа недела тие забележале нешто сосема необично – под таблата „никнал“ знак каде што пишува дека паркирањето на овој паркинг од 23 часот до 5 часот наутро е ограничено за потребите на дискотеката, нешто, како што велат, сосема нелогично и непотребно.
– Како може ова да се дозволи на зонско паркиралиште наменето пред сè за потребите на станарите, кои и покрај тоа што плаќаат месечни карти за паркинг, едвај ги „скрпува“ и дел од нив мораат да бараат алтернативи каде ќе мора да ги оставаат своите возила. Кога ја видовме таблата, прво не ни се веруваше, но потоа сфативме дека навистина очекуваат да го користат паркингот наменет за станарите од четирите згради – вели жителка на Аеродром за „Слободен печат“.

На еден од паркинзите станарите го отстраниле знакот
За разлика од овој зонски паркинг, вториот што е обележан со знак за ограничување на паркирањето, не е во надлежност на „Градски паркинг“ бидејќи нема информативна табла и веројатно е оставен за потребите на станарите, кои, за разлика од оние што се паркираат на зонскиот паркинг, ги земале работите во свои раце и по неколку денови откако бил монтиран знакот, тие целосно го отстраниле бидејќи и за нив овој знак немал никаква смисла.
– Си одев од работа како и секој ден, а во мојата маршрута до дома минувам низ паркингот, каде што пред неколку денови забележав нова табла, а кога прочитав што пишува на неа, се запрепастив. Па ние станарите кога ќе излеземе надвор за викенд или преку недела и ако се вратиме по 23 часот, каде да ги паркираме возилата ако паркингот е наменет за дискотеката, многу нелогично. Сепак, не знаеме дали некој на своја рака си го поставил знакот, или пак добил „амин“ од Општината или од Град Скопје – вели станарка што го паркира својот автомобил на овој паркинг.
Од Општината, Градот или Градски Паркинг не одговараат дали некој од нив ги поставил знаците
Засега е јасно зошто се поставиле овие знаци и дека се наменети за подобри „угостителски услуги“ од страна на дискотеката за своите гости со заземање два паркинзи под „свој кров“, за да може секој гостин да си го паркира својот автомобил на сигурно место и на раат да си се забавува до доцните часови, но прашањето што ни Општина Аеродром, ни Град Скопје, ниту „Градски паркинг“ го одговара е дали тие ја издале дозволата за поставување на овие знаци на паркинзите или, пак, станува збор за герила потег што не е одобрен од надлежните органи.

Веќе неколку денови праќаме прашања до гореспоменатите институции, но оттаму засега нема никаков одговор, ниту дали се запознаени со овој проблем, ниту дали тие ја издале дозволата и, ако ја издале, зошто не ги информирале станарите, кои се навистина разочарани и незадоволни од отсуството на реакција од општинските и од градските инспектори.
ЈП „Градски паркинг“, пак, сега веројатно е во фаза на менување кадар и политики, но се надеваме дека новата постава на претпријатието ќе биде потранспарентна од онаа претходната, која ја сменија, а таа не одговараше на прашањата на „Слободен печат“, но беше недостапна и за прашањата и проблемите на граѓаните, чиј глас не беше слушнат со години во однос на јавните паркиралишта.
Сега тие се соочуваат со нов проблем, со кој доколку нема институционална реакција и решавање на овој обид за заземање на паркинзите во Острово, тие веројатно, како и на едниот паркинг, на своја рака ќе ги отстранат таблите за кои сè уште не е јасно дали се легални или се поставени на „диво“, а ги доведуваат гостите од дискотеката во заблуда дека паркингот е наменет ексклузивно само за нив.


