ВМРО-ДПМНЕ на страна на короната и против јавното здравје

Како тргнале Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ниту се грижат за своето, а уште помалку за здравјето на другите, ним сѐ им е низ призма на политички поени, низ призма на промили личен и партиски рејтинг.

Од денот кога за првпат беше прогласена вонредна состојба заради поефикасно справување со коронавирусот, во време без собраниски состав и со Влада по „пржински модел“, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски со неодговорно однесување застана на страна на коронавирусот и спротивно на здравјето на граѓаните.

Но, времето ќе покаже дека конструктивноста што граѓаните ја очекуваа од Мицкоски тој ја разбира на поинаков начин. Оспорувајќи ги капацитетите на здравствените власти, Мицкоски „без срам и перде“ понуди доктори од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои би помогнале во справување со кризата, небаре докторите членови на ВМРО-ДПМНЕ работат во паралелен здравствен систем, а не во македонското јавно здравство.

И додека поради заштита од ширење на вирусот се затворија угостителско-туристички објекти, фитнес центри, шопинг-молови, во јавноста се појавија снимки како Мицкоски влегува во теретана која во тој период не смее да работи. И како тоа да не беше доволно Мицкоски беше „жив фатен“ како седи во затворен дел од ресторан кој исто така не смееше да работи, притоа правејќи се дека не ги разбрал протоколите што секојдневно ги критикуваше, патем ангажирајќи ги сите структури на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев да се обидат да му го исперат срамот. За деструкцијата на ВМРО-ДПМНЕ да биде што поголема, се погрижи уште еден кадар на Мицкоски во тогашната преодна Влада. Гордана Кочовска-Димитриеска од позиција на заменик-дополнителна министерка за финансии, свесно го блокираше заемот од Светска банка од 90 милиони евра.

Последниот во низата примери за несериозното и опасно однесување на ВМРО-ДПМНЕ се нивните барања за создавање нова паралелна или контра комисија за заразни болести составена и со претставници од нивната партија. Наместо ефикасни, брзи измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, ВМРО-ДПМНЕ со денови го блокираше овој Закон условувајќи го расформирање на Комисијата за заразни болести (постојано тело во Министерството за здравство) и создавање на нова паралелна комисија, во која најверојатно би бил вклучен и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Вело Марковски, човекот кој велеше дека вирусот не е опасен, дека пандемијата ќе заврши за еден месец и слични ставови преку кои внесува конфузија меѓу граѓаните.

Една изрека вели колку си внимателен за другите, толку си повеќе внимателен за себеси. Како тргнале Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ниту се грижат за своето, а уште помалку за здравјето на другите, ним се им е низ призма на политички поени, низ призма на промили личен и партиски рејтинг. Но и во тој есап се далеку од математички прецизни, целосно несвесни дека деструкцијата што ја предизвикуваат е општа, но штетата од неа е само нивна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот