Влегуваш по леб, за „кусурот“ си купуваш велосипед!

Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Концептот од „игла до локомотива“ не е непознат во светот, а кај нас се развива со голема брзина. Сепак, прашањето е дали секој деловен простор е соодветен за ваквиот начин на продажба. Големите маркети тоа може да си го дозволат и да одвојат дел од својата квадратура за стока што не е храна. Така ги задржуваат муштериите и надоместуваат дел од приходите – велат маркетинг експерти за „Слободен печат“

Си тргнал по леб, а од маркетот излегуваш со велосипед. Ти треба салама или сирење, ама окото ти фаќа тефлонско тенџере. Наместо пиперки и домати, во кошницата пакуваш градинарски алатки. Разгледуваш што нудат фрижидерите, но забораваш дека ти треба смрзнат грашок и го здогледуваш орманчето за чевли што долго го бараш. Македонските супермаркети почнаа сериозно да ја прошируваат својата палета производи според концептот на еден познат трговски синџир. И без разлика дали имаат 100 или 1.000 квадрати, покрај храната, сè повеќе продаваат мали кујнски апарати, долна облека, книги, играчки и друга детска галантерија, па дури и бебешки колички, спортски обувки, градинарски предмети, постелнина, авто галантерија, тенџериња и ростфрај чинии, секаков вид чаши и сервиси за јадење, па дури и цели градинарски гарнитури и чадори за плажа. Оние со поголем простор, имаат и специјализирани пекарници, слаткарници, цели кујни со голем избор на готвена храна, па дури и рибарници во кои ќе ви ја исчистат свежата риба. Големите продавници (хипермаркети), постојано се трансформираат, преку проширување на услугите, во шопинг дестинации во кои може да се заборавите.

– Концептот од „игла до локомотива“ не е непознат во светот, а кај нас се развива со голема брзина. Сепак, прашањето е дали секој деловен простор е соодветен за ваквиот начин на продажба. Големите маркети тоа може да си го дозволат и да одвојат дел од својата квадратура за стока што не е храна. Така ги задржуваат муштериите и надоместуваат дел од приходите – велат маркетинг експерти за „Слободен печат“.

Тие објаснуваат дека примарната разлика меѓу супер и хипермаркетите лежи во нивната големина и разновидноста на стоката што се нуди на продажба. Хипермаркетот е едношалтерска дестинација за купување каде што можете да го најдете производот што ви треба под еден покрив и по многу погодна цена. Спротивно на тоа, супермаркет е малопродажен објект што продава особено храна, пијалаци и предмети за домаќинството. Во Македонија сè повеќе се губи границата на овие трговски објекти, но најчудно е што и маалските дуќани што едвај ја собираат основната храна, почнаа да нудат дрангулии на кои не им е таму местото.

Граѓаните се со поделени мислења за шареноликата понуда. Некои се задоволни дека може да најдат сè што им треба на едно место, други, пак, велат дека велосипедите, детските колички, чадорите за сончање или долната облека не треба да се „дружат“ со лебот, млекото и саламите.

– Во дуќан од стотина квадрати, се сопнувате од гајбите со зеленчук и овошје, кои не стојат на соодветни ормани, туку се расфрлани на земја. И сега замислете ред на каса, со полни колички или кошници, а пред вас се испрчил велосипед или бебешка количка – вели една скопјанка.

Пензионирани пекари тврдат дека традицијата на независните занаетчиски пекарници изумира поради трендот дека граѓаните одат во големите трговски синџири да купуваат пекарски производи, кои се далеку од квалитетот на рачно месениот и свежо печен леб.

– Тие продаваат замрзнати или полузамрзнати производи, додека ние, кои со години се занимаваме со овој бизнис, сè правиме рачно. Тоа е огромна и многу важна разлика – тврдат пекарите, кои како занаетчии не може да се натпреваруваат со големите индустриски пекарници, каде што сè е автоматизирано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот