Илустрација „Слободен печат“ / Елисавета Бејкова
Илустрација „Слободен печат“ / Елисавета Бејкова

Власта со раце ширум отворени за „Рамбл“

„Христијан Мицкоски е еден од најдобрите лидери во Европа и еден од единствените момци кои ракоплескаа на говорот на Џеј Ди Венс минатата недела во Германија!“

Со овие зборови сопственикот на платформата за видеа „Рамбл“, Крис Павловски минатата недела на „Икс“ го коментираше говорот на премиерот одржан на конференцијата на конзервативците во Вашингтон.

Канаѓанецот со македонски корени Павловски, исклучително добро котира во круговите на Доналд Трамп, а самиот годинава отвори претставништво на „Рамбл“ во земјава, со седиште во Дебар Маало.

Јавно достапни податоци за „Рамбл Клауд“ во Скопје. Управители-менаџери се Кристофер Павловски и Брандон Самуел Александрофф

Фирмата „Рамбл Клауд Дооел Скопје“ е основана на 30 јануари со дејност „компјутерска инфраструктура, обработка на податоци, серверски услуги и сродни дејности“. Сопственичката структура на македонското претставништво со адреса во Центар ја сочинуваат двајца управители-менаџери, самиот Кристофер Павловски и Брандон Самуел Александрофф. Уште пред отворањето на фирмата во земјава, премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го примија Павловски во земјава, лани, по воспоставувањето на новата власт.

Фотографија од посетата на Павловски на 23 јули 2024 година/ Извор: Фејсбук профил на претседателката Гордана Силјановска Давкова

Силјановска Давкова по повод посетата напиша:

Дигитализацијата е неопходна за брз економски раст и напредок и клучна област за македонските евроинтеграции. Ги поздравувам иницијативите за економска соработка и размена на експертско искуство со овие успешни компании. Благодарност за поддршката од македонската дијаспора за отворање нови можности и привлекување на странски инвестиции во Македонија.

Извор: Фејсбук профилот на премиерот Христијан Мицкоски од 19 јануари 2025

Кога Мицкоски замина во Вашингтон на инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател во јануари, состанок одржа со Павловски.

Директно од аеродром на состанок. Во Вашингтон имав исклучително продуктивен долг состанок со мојот пријател Крис Павловски сопственик на Рамбл компанијата каде дел од акционерската структура се и Хауард Лутник, новиот министер за економија на САД и Џеј Ди Венс потпретседател на САД како дел од новата администрација на претседателот Трамп.

Капиталот на Павловски од Форбс е проценет на 1.2 милијарди долари. Разговаравме за инвестиции на Рамбл во Македонија во делот на дигитализацијата.

Имајќи предвид дека Крис има македонско потекло, Македонија е тема која е секогаш дел од нашите разговори, зборувавме за предизвиците кои се дел од сегашноста, но и иднината.

Се бориме за напредок и иднина на нашите граѓани и татковината, напиша премиерот.

Најблиско профилирање на можната соработка меѓу „Рамбл“ и Македонија како држава, досега даде министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски – кој најави можност за партнерство со „Рамбл“ за изградба на современи национални центри за податоци што според него, би водело до подобри стандарди за заштита на приватноста и безбедноста на податоците.

Тој ја истакна оваа фирма како фирма што може да ги унапреди електронските јавни услуги, да помогне за распространетоста на интернетот, безбедни податоци на граѓаните и подобрена дигитална структура. Но, ништо конкретно засега не е дефинирано или барем не се открива од страна на институциите.

Дали „Рамбл“ ќе работи државна ИТ-инфраструктура?

„Слободен печат“ праша во Министерството за дигитална трансформација, дали откако „Рамбл“ отвори претставништво во Македонија постои идеја да се работи на државната инфраструктура и фирмата да биде вклучувана на тендери за државни институции.

Прашавме колку се напреднати и специфицирани плановите и дали се работи за рана или подоцнежна фаза и какви бенефити се очекуваат од соработката со оваа фирма. Конкретен одговор изостана, но не и ентузијазмот и пораката дека за „Рамбл“ –  рацете и вратите во владата се широко отворени.

Се радуваме и го поздравуваме фактот што светски признати компании во ИТ- индустријата и глобални „играчи“ го препознаваат напредокот што Македонија го прави во областа на дигиталната трансформација и потенцијалот кој со домашниот ИКТ талент го нудиме, дури и во насока на извезување ИКТ продукти, знаење и иновации.

Нашите разговори и напори беа и се во насока на привлекување на „Рамбл“ и сличните компании кон македонскиот пазар, и остануваме отворени доколку истите сакаат да настапат и на проекти заедно со државата.

Постапките се јавни, транспарентни и секој кој сака да помогне во дигиталниот развој на македонското општество е повеќе од посакуван партнер, изјавија од кабинетот на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски за „Слободен печат“.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за изборите на кои победи, во делот за дигиталната трансформација на Македонија се наведува ветувањето дека „ќе овозможат граѓаните да можат електронски да ги испраќаат барањата за сите достапни јавни услуги до институциите и електронски да ги добиваат потребните документи, преку компјутер или паметен телефон“.

За да добијат услуга од државен орган, граѓаните често прибираат докази кои исто така се издаваат од државни органи.

Со целосна интероперабилност помеѓу сите државни и локални институции, административните службеници ќе можат брзо да ги прибавуваат сите потребни докази и документи и значително да ја забрзаат и да ја автоматизираат испораката на услуги.

Облакот на податоци ќе елиминира дуплирање на податоците, ќе обезбеди единствен извор на податоци, податоците ќе бидат точни и значително ќе се намали времето за пристап, пишува во програмата.

„Слободен печат“ преку мејл го праша правниот тим на „Рамбл Клауд“ во Македонија дали има конкретни и финализирани дејности што ќе ги работи компанијата со владата или на државно ниво и колку луѓе во моментов работат во „Рамбл Клауд“.

Сакавме да дознаеме со што ќе се занимава фирмата во земјава, во смисла на тоа дали ќе учествува во некое јавно-приватно партнерство за подобрување на македонската ИТ инфраструктура или доколку не, какви ќе бидат подетално нејзините активности. До објавувањето на овој текст, одговор не пристигна.

Почесен доктор на науки на приватен универзитет во Македонија

Крис Павловски уште лани во мај во земјава бил прогласен за почесен доктор на науки од областа на дигиталната комуникација од страна на универзитетот „Еуропа Прима“ на свечена церемонија. Тој на церемонијата истакна дека морал да го напушти факултетот во Канада поради работата, но му беше мило што се закити со диплома во рацете во Македонија од каде што му се корените.

Во својот говор при прогласувањето тој открива дека уште од раѓањето во Торонто, првиот јазик што го слушнал бил македонскиот, во својот дом, но „го изгубил“ по пат, по што почнал повторно да го изучува.

Моето прво патување во Македонија беше кога имав 16 години. Се вљубив во оваа земја и оттогаш доаѓам почесто.

Во 2009-2010 дојдов пак во Македонија и одлучив да отворам бизнис и да се обидам да ѝ помогнам на Македонија бидејќи ми изгледаше сиромашна, со потполно различен стандард од тој во САД и во Канада.

Си поставив прашање, како да ѝ помогнам на оваа земја? Така ја отворив компанијата „Космик Девелопмент“.

Во 2011 година оваа компанија почна со работа без некаква друга причина, освен да ѝ помогне на Македонија и да отвори работни места во земјава.

Немам заработено пари од тоа воопшто и немам земено никакви бенефити од компанијата.

Го направив тоа само за да ѝ помогнам на земјата, вели Павловски во своето излагање по повод примањето на највисоката титула што еден универзитет може да ја додели.

Потоа ја раскажува историјата на „Рамбл“, фирма што сега доби и македонска подружница и за која властите со отворени раце се поставуваат за идна соработка, ако таква шанса се прикаже.

Го почнав „Рамбл“ во 2013 година поради тоа што тогаш сите платформи ги преферираа големите корпорации, брендови повеќеканални мрежи, големи инфлуенсери и се забораваа малите креатори и инфлуенсери, обичните луѓе и нивните семејства.

Го почнав „Рамбл“ кон крајот на 2013 со намера да им помогнам на малите креатори на содржини. Летото 2020 добив еден повик. Повикот беше од висок член на Комитетот во Конгресот на САД. За мене како Канаѓанин беше многу чудно да добијам таков повик.

Прво си помислив да не сум под некаква истрага или цензура, ама ме праша едноставно прашање – „Дали ако објавам содржина на Рамбл со моето име на неа, дали би можел да ја пронајдам на Рамбл“?

Му одговорив дека секако ќе ја најде. Така тој се приклучи, а за кратко време повеќе инфлуенсери се приклучија, како и членови на Конгресот на САД.

Потоа се приклучи и  Доналд Трамп.

Станавме најголемата платформа во конзервативното движење во САД, буквално преку ноќ и тоа до следното лето во 2021 година, додава Павловски во својот говор.

Платформата, според неговото излагање, излегла и на берзата „Насдак“ со капитал од 2 милијарди долари.

Не би рекол дека сме лидери во слободата на изразувањето, ама сме врвот на копјето што се бори да се слушнат гласовите на луѓето и нивниот израз да биде видлив. Не само за луѓето во САД туку и во целиот свет.

Напуштивме држави поради обиди за цензура, се бориме со влади и не се извинуваме зашто едно од најголемите човекови права е способноста да се изразиме, гласно да говориме, да креираме содржини, да снимаме филмови и уметност и никој не треба да го сопира тоа, додава Павловски.

Павловски е познат по своите блиски односи и со други личности кои сега имаат значајни функции во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Во Скопје лани летото, дојде заедно со Девин Нунес, директор на „Трамп Медиа“.  Заедно со нив беше и Хауард Лутник, сопственикот на инвестициската компанија „Кантор Фицџералд“, кого Трамп неодамна го назначи за американски секретар за трговија.

„Рамбл“ забранет во Бразил со одлука на Врховниот суд

Врховниот судија во Бразил, Александре де Моралес пред една недела ја забрани платформата за споделување видеа на „Рамбл“ во оваа држава. Рамбл одговори дека се соочуваат со невидена цензура во Бразил. Едно од барањата на судијата, беше од платформата да се отстрани каналот на бразилскиот конзервативец Алан Лопес дос Сантос.

Од 2024 година дос Сантос во Бразил е под истрага за ширење лажни вести и финансирање антидемократски активности во оваа држава. Станува збор за поддржувач на Жаир Болсонаро, кој пак е поранешен претседател на Бразил сега обвинет дека сакал да направи државен удар откако ги загуби изборите.

„Рамбл“ заедно со платформата на Доналд Трамп Truth Social, поднесе тужба против врховниот судија од Бразил, со наводи дека тој го нарушил правото на слобода на говор утврдено во првиот амандман на американскиот Устав. Тужбата од „Рамбл“ е поднесена во Флорида а во неа е наведено дека фирмата нема никакви операции, вработени, ниту пак банкарски сметки или бизниси во Бразил.

Да му се дозволи на судијата Моралес да го замолчи гласниот корисник на американски дигитален канал, би значело загрозување на нашиот државен темел – посветеност на отворена и робустна дебата.

Ниту екстратериторијалните диктати, ниту правното пречекорување од странство не може да се посилни од слободите гарантирани од американскиот устав и право, пишува во тужбата.

Инаку во март 2024 година американската влада формално го одби барањето на Бразил да го екстрадира Алан Лопез де Сантос, кој избега во Америка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот