Владата ќе субвенционира кумановци и струмичани кои сакаат да се приклучат на гасоводна мрежа

Фото: Влада на РСМ

Во рамки на Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата, Министерството за економија одвои средства во вкупен износ од 70 милиони денари, а ќе бидат наменети за надоместок на дел од трошоците за граѓаните кои оваа година купиле и вградиле ПВЦ или алуминиумски прозорци, сончеви термални колекторски системи или фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до шест киловати за сопствена потрошувачка.

Како што најави министерот Крешник Бектеши на денешната прес-конференција, првпат оваа година, со цел диверзификација на изворите на енергија, изготвена е Програма за поттикнување на сигурноста во снабдувањето со природен гас во домаќинствата за 2023 година на жителите на Струмица и Куманово кои сакаат да се вклучат на гасоводна мрежа.

Средствата од оваа програма во вкупен износ од десет милиони денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за изработка на проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или изведба на приклучок на системот за дистрибуција на природен гас на домаќинствата до 70 проценти, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2023 година.

Правилата за учество на јавниот оглас за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност налагаат граѓаните кои ги купиле овие производи досега да не ја користеле оваа мерка, а може да учествуваат сите оние кои купиле од денот на објавување на јавниот оглас до 31.07.2023 година.

За купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци предвидени се 25 милиони денари, а ќе бидат опфатени 1.200 домаќинства. За граѓаните ќе бидат обезбедени поврат на средства во висина до 50 проценти, но не повеќе од 20.000 денари.

За купувачите на сончеви термални колекторски системи ќе биде обезбеден поврат на средства во висина до 30 отсто, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за 2023 година. За оваа намена Министерството одвои 15.000.000 денари и ќе опфати околу 1.000 домаќинства

За инсталирање на фотонапонски електроцентрали производство на електрична енергија до шест киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата, Министерството предвиде 30.000.000 денари и ќе опфати околу 370 домаќинства. Граѓаните ќе добијат поврат на средства во висина до 30 проценти, но не повеќе од 80.000 денари по домаќинство за 2023 година.

Доколку барателот достави доказ во оригинал за направените трошоци за проектна документација – фискална сметка или фактура со извод од деловна банка или уплатница во периодот најрано од 1 јануари 2023 година, истите ќе му бидат земени во предвид при утврдување на надоместокот на дел од трошоците, соопшти Бектеши.

 

Како што најавив на крајот на минатата година кога го презентиравме Буџетот на Министерството за економија за 2023 година, во оваа тешка криза со која се соочува целиот свет, најважно за нас како Влада е да го заштитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите и дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата, порача министерот Бектеши.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот