Владата е комплетирана – спремни сме да ја издадеме еврообврзницата, вели Бесими

Фатмир Бесими, министер за финансии / Утрински брифинг, Фото: Драган Митрески - Слободен печат

„Кога веќе имаме комплетиран состав на Владата, како што веќе најавив јавно, подготвени сме на повторно издавање еврообврзница со тие услови што ќе важат на пазарот, но со најсоодветна процедура“, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Владиното издавање на еврообврзницата во износ од околу 600 милиони евра пропадна на средината на февруари, откако досегашниот министер за правда, Никола Тупанчески, чијшто потпис мора да стои на државното задолжување, се повлече од функцијата пред да ги потпише неопходните документи.

Владата вели дека парите од ова задолжување ќе се користат за отплата на стари долгови кои земјава ги има кон странски кредитори, а кои доспеваат за плаќање годинава.

Бесими, кој учествува на панелот „Стратегии за одржување на економскиот раст во време на неизвесност“ во рамки на Економскиот форум – Скопје, рече дека кредибилноста на политиките дава простор повторно да има соодветна побарувачка за нашите хартии од вредност.

– Кредибилноста на политиките дава простор повторно да има соодветна побарувачка за нашите хартии од вредност, односно инвестиции во нашите еврообврзници за кои фискалниот простор е детерминиран. Вкупно 480 милиони евра треба да имаме во првата половина од годината за да ги реализираме овие исплати, а според сите информации и комуникации со инвеститорите, имаме добра позиција на пазарот тоа да го обезбедиме, рече министерот.

Според него, во услови на последователни кризи, какви што се актуелните во глобални рамки, клучно е политиките да бидат конзистентни, предвиливи, јасни и таргетирани, а фокусот треба да се стави на намалување на трошоците, како и на намалување на ударите врз стопанството и стандардот на граѓаните.

Земјава мора да даде јасни сигнали дека е цврсто определена да води макроекономски и фискални политики кои ќе значат фискална консолидација, дека оди таргетирано, адресирајќи ги најпогодените, како и дека е во постојано комуникација со засегнатите страни, рече министерот, додавајќи дека останува определбата на властите преку соодветни програми да се привлекуваат домашни и странски инвеститори.

„Треба да се водат конзистентни политики, добро да се комуницираат, а мерките што се предлагаат да се направат инклузивно со поинтензивна комуникација со бизнис секторот и другите засегнати чинители. Мерките мора да бидат таргетирани зашто изворите на финансирање ги има се помалку и се се поскапи. Ако во овие околности сме ефектуирани а не можеме да ги менуваме насоките, може да се фокусираме на намалување на трошоци што поефикасно. Неопходна е и јасна порака до инвеститорите, дека водиме политика на фискална консолидација, конзистентни политики и комуникација со сите чинители за дизајнирање таргетирани политики“, рече Бесими.

Пропадна владината еврообврзница од 600 милиони евра, мора да потпише новиот министер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот